Палестински милитанти убиле тројца израелски полицајци во неделата во напад врз возило на окупираниот Западен Брег, каде Израел изврши рација во последните неколку дена, објави Асошиетед прес.
Израелската полиција потврди дека убиените се припадници на полицијата и изјави дека напаѓачите се во бегство.
Нападите главно се фокусирани на урбаните бегалски кампови во северниот дел на територијата, каде што израелските сили речиси секојдневно разменуваат оган со милитантите од избувнувањето на војната во Газа.
Малку позната милитантна група која себеси се нарекува бригада Калил ал Рахман ја презеде одговорноста за пукањето во неделата. Хамас го пофали нападот како „природен одговор“ на војната во Газа.
Забележано е зголемување на насилството на Западниот Брег откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, по што Израел изврши воздушен и копнен напад врз Газа. Повеќе од 650 Палестинци се убиени на Западниот Брег, главно за време на апсењата на израелската војска. Според Израел, повеќето биле милитанти кои се вклучиле во судири со израелските сили. Меѓутоа, меѓу жртвите има и цивили.
Израел ги освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците ги сакаат сите три територии за нивната идна држава. Последните мировни преговори пропаднаа пред повеќе од 15 години.
Израел изгради над 100 населби низ Западниот Брег, дом на повеќе од 500.000 доселеници со израелско државјанство. Меѓународната заедница смета дека повеќето населби се нелегални.
АП известува дека три милиони Палестинци на Западниот Брег живеат под навидум неограничена израелска воена управа, при што Палестинската управа поддржана од Запад има ограничена автономија во областа.