Триумф на копитарите

by Фокус

Македонија веќе одамна ја изгуби битката од копитарите. Тој смислен, опасен децениски проект на состојба на духот се спроведува и се манифестира низ посебна култура во царството на кичот, шундот, примитивизмот и анархизмот. Господ да чува слепо да прогледа. Копитарите се пикаат насекаде, маскирани во бренд или во фалш облека, со бесни автомобили подарени од родителите, ноќни дивеења со мото-трки и вандалско уништување на урбаната опрема.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Вечна е борбата против примитивците. Народот жаргонски ги вика копитари. Зборот не е само именка за тревопасни цицачи со еден или со три прсти, чија рожнаста материја е слична на ноктот. Метафорично, тоа е карактерна особина, синоним за копитари од човеци, кои незапирливо влечат од горе надолу кон дното.

Тие не се ниту полусвет, уште помалку сељаци, а најмалку малограѓани. Нивна основна карактеристика е продавањето пуфки, чалам и мачкање со сите бои.

Фолиранти и блефери, мртво сериозни, притоа повеќе „мртви“ отколку сериозни. Ликови со „јаки вилици“ и невидена самодоверба во стилот: „Што ќе кажам и поп ќе отпее, тоа ти е.“

Mаестрално го прикриваат примитивизмот преку дрес-кодот, манирите, жаргонизмите и сленговите, со употреба на неколку научени странцизми и фрази, најчесто од типот „кул“, „фенси“, „без гајле“, „жими очи“, „цепај“!

ИЗГУБЕНА БИТКА

Македонија веќе одамна ја изгуби битката од копитарите. Тој смислен, опасен децениски проект на состојба на духот се спроведува и се манифестира низ посебна култура во царството на кичот, шундот, примитивизмот и анархизмот. Господ да чува слепо да прогледа.

Копитарите се пикаат насекаде, маскирани во бренд или во фалш облека, со бесни автомобили подарени од родителите, ноќни дивеења со мото-трки и вандалско уништување на урбаната опрема. Се множат и шират како пајажина, која го нагризува општеството однатре.

Во голем дел од нивните гласови зависи која политичка партија АД ќе владее. Не за џабе се вели прост народ, силна држава!

Дрес-кодот и психолошкиот профил им е ист или сличен: глумење алфа мажјаци и урбани ликови, влегување во филм на мафиози и ербапи. Во реалноста, мангупи на батерии, блефери, фолиранти, човеци со неостварени амбиции. Шалабајзери и лажни величини, кои сакаат да живеат лагодно и да бидат полни ко брод.

Вештачки здрвени сурати и матни погледи, златни синџири, лажни дипломи, нефермање закони и прописи, тетоважи, ботокс и напумпани усни, изигрување манги и големи штикови, скуден речник со глупави фрази и странцизми. Нивни идоли се белосветски апаши, ликови од полусвет, инстант инфлуенсери, трчи-лажговци, манипулатори, опсенари, измамници.

Добиток на поило, искомплексиран, примитивен, неопеан џган, кој битисува само за чалам и размножување. Копитари, кои наместо потомци, одгледуваат домашни миленичиња, чиј измет го оставаат на плочници и на детски игралишта, џиткаат ѓубре од балкон, складираат стар мебел во ходници и скали, плукаат насекаде, лепат мастики под маса.

Фрлаат догорчиња и марамчиња за бришење нос од отворен прозор на автомобил во движење. Дремат на семафор, па кога ќе се запали зелено, ако некој реагира, мафтаат со рацете и му пцујат сѐ по список.

Кои се симптомите на копитарството? Типичен Данинг-кругеров ефект: ограничени капацитети во одредени домени, но преценување на своите способности. Феномен на двојно проклетство – ем не знаат и не умеат, ем не се способни да разберат дека не знаат и умеат!

ЛУДИ ВРЕМИЊА

Упорно ја манифестираат својата лажна самодоверба, неадекватност со изопачени приоритети, вредности и идеали. Нивната цел ги оправдува средствата, се разбира без учење, труд и креативност. Дури и ако аплицираат за вработување, не приложуваат сиви, туку видео на Тик-ток. Одбиваат да пораснат и остануваат мамини и татини деца, неретко и до четвртата деценија од животот.

Не фермаат никого. Првин ги воодушевуваат будалите, а потоа ги замолчуваат умните. Спијат до пладне, а потоа го трошат времето со озборување и јадење гурабии за брзи пари и станување фаци за респект. Шмркаат амфетамин наместо кокаин. Шмекери без покритие!

Иронијата е во фактот што губењето на лажниот имиџ го поднесуваат страшно болно. Кога ќе се прекинат лудите соништата, во јавето бараат виновник за нивното фалбаџиство и загубените илузии, бидејќи по никоја цена не ја признаваат сопствената вина.

Може да се согласат да им се одземе сѐ. И имиџот, дури и акалот што го имаат, само чаламот никако. Кога би можеле, би присуствувале и на сопствениот погреб со најреномиран оркестар за погреби и свадби.

Луди времиња, чурук човеци. Вандализам, кретенизам и примитивизам во сите општествени сфери. Триумф на копитари!

Поврзани новости