Трите услови на Нетанјаху за мир во Газа: Уништување на Хамас, демилитаризација на Појасот и дерадикализација на Палестинците

by Fokus

Хамас мора да биде уништен, Газа да се демилитаризира и палестинското општество да се дерадикализира, ова се трите предуслови за мир во Појасот Газа кои ги претстави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во авторски текст за американскиот весник „Волстрит џурнал“, тој уште еднаш го постави уништувањето на Хамас како главна цел во конфликтот на Блискиот Исток, нагласувајќи дека тоа е единствениот пропорционален одговор за да се спречи повторување на злосторствата на 7 октомври.

– САД, Велика Британија, Франција, Германија и многу други земји ја поддржуваат намерата на Израел да ја уништи терористичката група. За да се постигне таа цел, мора да се уништат нејзините воени способности и да се прекине неговото политичко владеење над Газа. За тоа ќе биде потребно формирање привремена безбедносна зона во Газа и инспекциски механизам на границата меѓу Газа и Египет, кој би ги задоволил потребите на Израел и би го спречил шверцот со оружје – нагласи Нетанјаху во текст за американскиот дневен весник.

Тој додаде дека очекувањата дека палестинската управа ќе ја демилитаризира Газа е само сон.

– Палестинското граѓанско општество треба да се трансформира така што луѓето ја поддржуваат борбата против тероризмот, а не да ја финансираат – смета израелскиот премиер.

Денот зад нас беше обележан со нови судири меѓу израелските одбранбени сили (ИДФ) и палестинските милитантни групи. ИД објави дека погодила повеќе од 100 цели на Хамас во јужниот дел на Појасот Газа. Мета беа шахтите на тунелите, воените локации и друга инфраструктура на Хамас. ИД забележува дека уште двајца нивни војници загинале во борбите и дека се подготвени да ја прошират копнената офанзива на југ.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека војната во Газа ќе биде долга и тешка и дека борбите ќе се водат на неколку фронтови.

– Не напаѓаат од седум различни области – Газа, Либан, Сирија, Западниот Брег, Ирак, Јемен и Иран. Дејствувавме во шест од седум од тие области, а сега најјасно ви кажувам: секој што делува против нас е потенцијална цел, никој нема да има имунитет – рече Галант на состанокот на комисијата за надворешни работи и одбрана во Кнесет.

Поврзани новости