Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски не се чувствува виновен за кривичната пријава против него и тврди дека
изминатите три години СДСМ фингирале кривични пријави и оцрнувале имиња од опозицијата.
– Ако имаше било каков доказ имаа три години да докажат дека имам вина во моето минато и да поднесат соодветна пријава. Сите овие работи што ги кажувате се само реваншизам на СДСМ кон опозицијата, изјави Трипуновски.
Владејачката партија обелодени дека против Трипуновски има и кривична пријава за злоупотреба на службената должност со што го оштетил министерството за 117.000 евра.
Тој денеска го претстави својот тим советници кои, како што рече, заедно со него ќе ги донесат промените во земјоделскиот сектор. Совет на земјоделци, посочи тој, е составен од шест члена меѓу кои земјоделци и земјоделски лидери од цела република, додека Советот на професори експерти ќе биде составен од шест члена професори, експерти и докажани луѓе во своите области.
– Моите советници нема да ги чинат граѓаните ниту еден денар, рече Трипнувски.
Совет на земјоделци го сочинуваат Златко Стојчев лозар-овоштар од Росоман, Драги Памуков градинар од село Куклиш, Струмица, Драгољуб Гаврлиов оризар од село Чешиново, Зоран Илиевски овоштар од Ресен, Митко Јанков сточар од село Ораовец од Велес и Николче Илиевски тутунар од Село Добрушево од Могила.
Совет на професори експерти го сочинуваат професорите Драги Димитриевски од Земјоделски факултет, Златко Трајанов од Шумарски факултет, Миле Јакимовски, Трпе Ристовски од Ветеринарен факултет, како и Владимир Џабирски и Тошо Арсов од Земјоделски факултет.
Во однос на тоа дека сепак е заменик-министер во техничка влада, Трипуновски рече дека првенствено ќе се обиде да спречи манипулација и притисоци врз земјоделците во насока на подготовка на фер и демократски избори.