Цветан Трипуновски, претседател на комисија на ВМРО-ДПМНЕ за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната дебата насловена „Важно е македонските земјоделци да ја хранат Македонија“ зборуваше за тоа во каква состојба е земјоделството поради негрижата на власта, министерството и министерот.
-Изминативе 7 години со СДСМ на власта практично секоја година почнува со протести на различни категории на земјоделци ширум Република Македонија, тоа е затоа што СДСМ ветуваше живот, а донесе пекол на македонските земјоделци. Нема земјоделска гранка која што не е клекната на колена, македонското земјоделско производство не е десеткувано, односно Македонија стана увозно зависна комплетно речиси на храна. Ова значи дека и сточарите и полјоделците и градинарите и оризарите едноставно секоја гранка во Република Македонија мора спасот да го бара на протести затоа што владата, министерството, министерот-оној кој требаше да биде татко на земјоделците немаат слух за нивните проблеми односно немаат решение како земјоделците да имаат достоен живот – истакна Трипуновски.
Тој истакна дека власта ја интересираат само личниот профит и бизнис интересот во четири очи, а за тоа говори и фактот што Република Македонија стана увозна зависна држава.
-Практично од она кое што го ветуваа не спроведоа ништо. Единствено ги интересира личниот профит и бизнис интересите во четири очи, а за земјоделците оние кои што треба да ја хранат Македонија и да извезуваме земјоделски производи едноставно не спроведоа ништо. За потсетување ако Македонија во минатото била извозно ориентирана и сериозен девизен прилив се слевало во нашиот буџет од извоз на земјоделски производи и нормално Македонија била снабдена со квалитетен здрав македонски производ, денеска гледаме дека Македонија е речиси комплетно увозна зависна. Еве еден податок 2022 година повеќе од 700 милиони евра се одлеале македонски девизи за увоз на храна, она што значи увоз на храна со сомнителен квалитет и увоз на храна која што македонските граѓани ја плаќаат со многу повисоки цени, а македонското производство е десеткувано односно е во исчезнување, вели Трипуновски.