Имаме сериозни индиции дека Љупчо Николовски ја злоупотребил својата позиција и како министер за земјоделство шумарство и водостопанство, на нелегален начин давал под закуп огромни земјишни парцели, претставени како земјоделско земјиште, а всушност се работи за градежно земјиште во Скопје, истакна Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој денес испорача нови обвинувања на адреса на Николовски.
Трипуновски прикажа договор кој министерството застапувано од Николовски го склучило со извесен Орхам Чоловиќ, на 4 јули 2022 година, за закуп на земјоделско земјиште во вкупна површина од 73.031 метар квадратен во општина Бутел за подигање на долготраен лешников насад за период од 70 години. Според него, не станува збор за земјоделско земјиште, туку за градежно неизградено земјиште.
-Со овој договор, Николовски му овозможува на закупецот да присвои над фантастични 73 илјади метри квадратни градежно земјиште во Бутел по цена од 5.745 денари годишна закупнина. Метар квадратен градежно земјиште во тој реон се продава од 150 евра па нагоре, односно за таа парцела би се потрошиле околу 11 милиони евра – рече Трипуновски.
Тој додаде дека ова е втор ваков договор кој Николовски го потпишал во општина Бутел.
-Постои основано сомнение дека ова е дел од поширок разработен план, кој требало да заврши со Законот за откуп на земјоделско земјиште, кој владејачкото мнозинство на СДС на сила го турка во Собрание, со што ќе им се овозможи на закупците кои на нелегален начин добиле договори за закуп да го откупат земјиштето за евро по квадрат, а да го препродадат за неколку милиони евра – истакна Трипуновски.