Првиот предизвик со кој што се соочивме беше во делот на земјоделството, исплатата на субвенциите кои што во минатото често кажувавме дека имаме нередовна исплата. И практично тоа се потврди со самото влегување во Министерството. Субвенциите се онаа поддршка која што на земјоделците им е неминовна за да го одржат своето производство и за да го планираат наредното производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на панел дискусијата 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.
„Со самото доцнење на субвенциите имавме пад на земјоделското производство. Во овие 20 милиони евра кои што се исплатени се опфатени сите категории на земјоделци. Вкупната бројка на која е испорачана оваа сума е на над 20.000 земјоделци. Тука сакам да нотирам дека наредниот период продолжуваме со исплатата бидејќи со ребалансот на Буџетот обезбедивме дополнителни средства кои што се исто така за намена за исплата на субвенции спрема земјоделците“, појасни министерот Трипуновски.
Трипуновски истакна дека ќе се исплатат сите заостанати субвенции заклучно со 2023-та година и да останат само тековните од 2024-та кои што до крајот на годината и веќе од наредната ќе се сервисираат се со цел субвенциите редовно да бидат исплаќани спрема земјоделците.
„Веќе во тек се работат програмите за 2025-та година. Трите клучни програми на Министерството се Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и Програмата за водостопанство. Во Програмата за директни плаќања ќе се предвиди намалување на бирократијата која што досега ја имаа земјоделците како обврска, и нормално ќе има фузирање на мерките односно зголемување на сумата на субвенциите кај оние стратешки производи кои што се за нас како држава многу важни. Во делот на Програмата за рурален развој, тука се инвестициите и модернизацијата во земјоделското производство, и оваа програма ќе биде наменета кон оние помали земјоделци кои што ќе треба да ги доведеме во ситуација да ги искористуваат и европските средства кои што ни се на располагање преку ИПАРД програмата. И нормално во оваа Програма ќе има повеќе сегменти на инвестиции од модернизација во делот на механизација, во делот на модерни системи за наводнување, во делот на преработувачки капацитети итн. И со последната Програма за водостопанство планираме да ги вратиме во функција сите системи кои што досега беа запуштени и нефункционални“, нагласи министерот.
Тој во текот на панел дискусијата додаде дека со програмите на Министерството Македонија повторно ќе се врати во вистинска смисла на земјоделска држава. Сите статистички податоци говорат дека во минатото повеќе Македонија увезуваше храна.
„Нашиот план е пред се да ја вратиме довербата на земјоделците према институциите, према Владата, према Министерството. Затоа што во една таква симбиоза ќе можат да сметаат земјоделците дека имаат партнер со кој што ќе можат да разговараат за креирање на закони, програми, уредби кои што ќе значат искористување на повеќе средства или креирање на мерки кои што се од добробит на земјоделското производство“, рече министерот Трипуновски.
Трипуновски истакна дека во изработка на програмите за 2025-та година вклучени се и науката, земјоделските здруженија, Министерството, и чинителите кои што се во секторот.
„Работиме да обезбедиме сигурен пласман на земјоделското производство и нормално цени кои што се рентабилни во делот на производството за да можеме да ја зголемиме бројката на земјоделците“, додаде тој.
„Во таа насока се изработува и Програмата за саемски настани за 2025-та година, тоа значи промоција на примарни и преработки на земјоделски производи надвор од границите. Нормално како Министерство ќе продолжиме да субвенционираме настани кои што се одржуваат во рамките на нашата држава со цел промоција на квалитетни земјоделски производи. Еве ја користам и приликата да најавам дека на 2-ри ноември ќе организираме една манифестација која што е под мотото „Вкуси ја традицијата“ на која што ќе бидат изложени повеќе од 300 изложувачи на македонски производи, преработки и примарни производи“, нагласи министерот.
Тој додаде дека преку манифестациите може да се долови дека Македонија има навистина вкусна и здрава храна која што треба да биде препознатлива и надвор од границите.