Цели тринаесет дена трае битката на стручните екипи од јавните институции, но и на бројните доброволци од Општина Неготино, кои своеволно, го оставија зад себе комфорот и ги ставија животите на ризик, борејќи се со огнената стихија која ја зафати планината Серта, а се заканува и на село Калањево, како и на викенд населбата Бела Вода.
Уште од првиот ден, кога пожарот кој започна кај Армискиот камп за обука Пепелиште, на 10-ти јули, а потоа се прошири и на Серта, голем број од месното население веднаш поита да помага во гасењето. На пеколни температури од над 40 степени Целзиусови под сенка, луѓето се организираа и до денес го даваат својот максимум, со цел да ја зачуваат планината, природата, но и имотите каде голем број на граѓани престојуваат речиси во текот на цела година.
Организацијата на локалното население, во тешките услови во кои се справуваат со стихијата, одеше до таму, што уште од првиот ден неофицијално назначија лице за контакт со медиуми, па и со надлежни служби, со намера да се има подобра организираност и координација, да се има добра информираност за текот на настаните, но и да се реагира и јавно да се алармира доколку има потреба од повеќе доброволци, одреден вид на механизација и слично.
И денес, по речиси две недели, голем број на волонтери пак се околу Калањево, и остануваат во тек на цел ден, но и до доцните вечерни часови доколку има потреба. Според последните информации од Центарот за управување со кризи, пожарот кај Калањево е под контрола, но се работи на негово локализирање за да може да се изгаси.
Се проширува стариот пат од Калањево до Бела Вода и се чисти трасата за булдожер.
Доброволците порачуваат дека продолжуваат, се додека не се стави состојбата под целосна контрола и не помине опасноста, не запираат.
Во периодот откако започна пожарот, во повеќе наврати се случуваше промена на состојбата, од загаснување, до повторно разгорување, а граѓаните кои ја следат состојбата, апелираат до институциите, да не се заборави пожртвуваноста на доброволците.
Бараат нивниот труд и солидарност да бидат наградени за време на одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот, Осми ноември, кога истакнати граѓани добиваат општински признанија и благодарници за своите придонеси кон заедницата.
Како што информира ЦУК, се уште е активен пожарот во реон на Армискиот воен полигон, високо над Криволак кон Пенуш, каде што има многу голема „фронтова“ линија на пожарот и каде што гори ниска вегетација – смреки, трња, грмушки и нискостеблеста шума и претежно даб.
Вики Клинчарова