Тригодишно девојче во Индија се бори за живот откако била силувана од сосед

by fokus

Тригодишно девојче од Индија е во критична состојба откако наводно ја силувал нејзиниот сосед во Њу Делхи, јавија локалните медиуми.

Обвинетиот за силувањето на девојчето е уапсен и се работи за 40-годишен чувар кој работел во зградата каде што живеело детето.

Онесвестеното девојче го пронашла полицијата и веднаш било однесено во болница на операција.

Инцидентот се случил во неделата  на шестата годишнина од бруталното силување на студентка која почина од повредите откако група насилници ја нападнаа во градски автобус.

– Новиот инцидент Индија ја „потсети“ на трагичната жртва од силувањето во автобусот, изјави комесарката задолжена за правата на жените во Њју Делхи Свати Маливал и додаде дека тој напад тогаш предизвика протести во целата држава и доведе до заострување на Законот за силување.

Се уште не се знае во каква состојба е силуваното девојче и дали ќе го преживее нападот кој локалните медиуми го опишаа како брутален.

Локалните жители од тој дел на Њју Делхи го пронашле обвинетиот и го нападнале откако се дознало за инцидентот, пишува „Тајмс оф Индија“. Весникот цитираше извор од полиција кој рекол дека на обвинетиот морале да му бидат санирани повреди кои му биле нанесени пред да биде уапсен.

Родителите на девојчето, кои работат кога има работа и се платени со дневници, биле отсутни кога се случил нападот. Обвинетиот наводно го привлекол девојчето со слатки и ја извадил од нејзиниот дом.

Полицијата регистрираше случај на силување според Законот за заштита на децата од сексуални престапи според кој обвинетиот може да добие и смртна казна.

Овој најнов сексуален напад кој предизвика нов бран на гнев и жалби, доаѓа по серијата брутални силувања и убиства во Индија. Во април медиумите следеа обвинение за групно силување и убиство на осумгодишно девојче во Кашмир во Индија. Во јуни неколку стотици луѓе излегоа на улиците во централната држава Маџа Прадеш поради силување на девојче од седум години.

Податоците покажуваат дека во Индија на секои два ипол часа се силува по едно дете помладо од 16 години, а на секои 13 часа се силува дете помладо од дест години.

Бројот на пријави за силување се зголеми од 8.541 во 2012 година на 19.765 колку што се регистрирани во 2016 година.

Во 2015 година силувани се повеќе од десет илјади деца.

Во Индија 240 милиони жени се омажиле пред да наполнат 18 години.

Вкупно 53,22 отсто од испитаниците во владино истражување пријавиле дека биле жртви на некој вид сексуално злоставување.

Вкупно 50 проценти од напаѓачите на децата им се познати како личности од доверба.

Поврзани новости