Триглав Осигурување со задоволство ги поддржа атлетите на Специјалната олимпијада, кои ќе учествуваат на претстојните Зимски олимписки игри во Торино, Италија, со донација на неопходна спортска опрема и осигурување. Оваа соработка ја потврдува нашата континуирана посветеност на промовирањето на инклузијата, како и поддршката на здравиот начин на живот и на спортот, како трансформирачка алатка за создавање силни, упорни и мотивирани личности.
Атлетите на Специјалната олимпијада се пример за мотивација и истрајност. Нивната желба и храброст да се натпреваруваат, без разлика на предизвиците, е инспирација за сите нас. Проектите како Специјалната олимпијада им обезбедуваат на овие атлети можност да ги развијат и покажат своите вештини и им помагаат да развијат доверба и чувство на припадност во заедницата.
„Веруваме во силата на спортот, да обединува луѓе, да инспирира истрајност и да создаде средина на тимска работа и инклузија. Поддршката на Специјалната олимпијада е во согласност со нашите основни вредности и ни дава можност директно да влијаеме на животите на поединците на значаен начин. Чест ни е да дадеме наш придонес за успехот на овие атлети и да ги охрабриме принципите на упорност, посветеност и храброст, кои што ги дефинираат и спортот и човечкиот дух.“ – изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, г. Ѓорѓе Војновиќ.
Во Триглав Осигурување сме посветени на создавање позитивно и инклузивно влијание на светот околу нас. Стоиме заедно со атлетите, тренерите и семејствата на Специјалната олимпијада, додека тие ја демонстрираат моќта на истрајност и обединетост.
Моника Бошковска, Претседател на Специјална Олимпијада дополни, „Во името на Специјална Олимпијада Македонија, изразувам огромна благодарност до Триглав Осигурување за нивната несебична поддршка и донацијата на спортска опрема и осигурување за нашите атлети, кои ќе ја претставуваат Македонија на Зимските олимписки игри во Торино, Италија. Оваа донација е многу повеќе од материјална поддршка – таа е потврда дека инклузијата, упорноста и спортскиот дух се вредности кои нè обединуваат. Нашите атлети не само што се натпреваруваат, туку тие докажуваат дека со страст, труд и верба во себе, сите граници можат да се поместат. “
Партнерствата, како ова со Триглав Осигурување, ни помагаат да создаваме општество во кое што секој има можност да успее и да го покаже својот потенцијал.
Затоа, со гордост чекориме кон Торино, поддржани од компании и заедници кои веруваат во нашата мисија. Заедно сме посилни, заедно создаваме инклузивна иднина!“