Популарниот поп музичар Ѓоко Ѓорчев го најави својот концерт во родното Неготино со кој ќе одбележи 32 години на сцената. Настанот ќе се одржи во сабота, на старата чаршија, како што вели музичарот со многу естрадни гости и музика за душа со која ќе му се заблагодари на својот град за долгогодишната поддршка.
Помеѓу гостите кои ќе запеат на сцената тој го најави и бизнисменот Трифун Костовски, кој зад себе има повеќе авторски песни и е голем вљубеник во музиката.
Покрај него, ќе настапат и Кате и Соната, Катерина Танева, Перо Христов и Трио Џентлмен.
За ,,Фокус” Ѓорчев вели дека за одржувањето на концертот се заслужни граѓаните на Неготино и неговата верна публика, како и неколку бизнисмени кои му ја понудиле својата поддршка.
-Ќе пеам со љубов кон мојот град, кон сите оние кои стојат покрај мене во изминатите три децении откако сум на сцената. Откако од страна на општината во последен момент беше откажан мојот концерт во склоп на Неготинска музичка вечер, кога иако се подготвував за настап заедно со моите музички пријатели, на крај ми беше кажано дека не се вклопувам во концептот на програмата и нема да настапам, еве дојде и времето да запеам пред сограѓаните.
За реализацијата на мојот концерт се заслужни повеќе лица, кои веднаш по откажувањето на мојот настап ми дадоа поддршка и ми ветија дека ќе направат се што е во нивна можност за да запеам пред граѓаните.
Благодарен сум што има луѓе кои ја ценат работата на македонските музичари, трудот кој сум го вложувал цел живот, затоа што јас пеам само поради мојата публика и сакам да оставам траг на нашата сцена – вели Ѓорчев.
Концертот ќе биде со почеток од 19 часот, а Трифун Костовски за ,,Фокус” вели дека се радува што ќе биде дел од еден ваков настан.
-Со Ѓоко се знаеме од времето на поранешна Југославија. Пријателството ни започна уште кога тој беше младо момче, неговиот татко беше директор во фабриката за кабли во Неготино, а тој беше референт, така се запознавме. Но, потоа и музиката не спои дополнително и нашето пријателство уште повеќе зајакна.
Му бев музички гостин пред неколку години, на неговиот концерт во Скопје, а ова е прв пат како ќе пеам во Неготино. Планирани се неколку песни кои ќе ги изведам сам, а и една дуетска со Ѓоко.
Многу ме радува што ќе дојдам во Тиквешијата, таму народот секогаш ми бил некако посебен, интересен. Ми се допаѓа начинот на кој таму луѓето си живеат, си функционираат. Имам многу пријатели и од Демир Капија, се надевам и тие ќе дојдат на концертот.
Ова е настан каков што недостасува во ова време. Луѓето се уморни од политика, од црни вести, од напорни приказни. Им треба забава, разонода, да тргнат мисли од секојдневието. Дополнително што многу значи е кога се дава поддршка на македонските музичари, оти ние имаме голем квалитет на сцената кој заслужува шанса. Верувам дека публиката ќе ужива во настанот – ни изјави Костовски.
Вики Клинчарова