Бизнисменот и поранешен градоначалник Трифун Костовски, во својата 76-та година изненади со новиот имиџ, подолга коса и опуштена гардероба, а за ,,Фокус” вели дека ова е позитивна промена за него, со која потврдува дека си го живее животот така како што самиот смета дека е најдобро за него.
-Во пензионерските денови, кога имам повеќе време за себе, решив да си ја исполнам старата желба, да ја пуштам косата. Како што се вели, животот има многу вкусови, некогаш благ, лут, кисел… Јас се справувам со сите предизвици, го правам она кое го сакам и кое ме исполнува, не потклекнувам.
Моето семејство не реагираше многу околу промената, кога јас сум среќен, среќни се и тие, тоа е најважно.
Не планирам да правам некои зафати за подмладување, далеку од тоа, ботокс, лифтинг, теретана, не е тоа за мене, да се затегам или да билдам мускули. Останувам верен на тенисот и фудбалот, вели бизнисменот.
Додава дека како голем вљубеник во музиката, кој зад себе има повеќе авторски песни, наскоро ќе изненади со нови дела.
-Четири песни, од кои две на композиторот Копров, а две на Плевнеш, веќе се подготвени. Музиката е дел од мојата душа, од моето секојдневие.
Во план е една документарна емисија и видео запис во кој ќе се прикаже мојот музички пат. Животот се состои од многу битки, и не може на изгубена битка да се гледа како на изгубена војна.
Не дозволувам тешките моменти да ги нарушат животните задоволства, а музиката, барем за мене, секогаш била огромна пасија и задоволство. Продолжувам напред, ни изјави бизнисменот.
Вики Клинчарова