Лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов денеска коментирајќи ја изјавата на македонскиот министер Бујар Османи дека Македонија го добила спорот со Бугарија со 3:1 потсети дека неговата партија не гласала за овој резултат во бугарскиот Парламент.
-Северномакедонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи за ТВ Сител го изјави следново: ‘Исходот од преговорите со Бугарија заврши со 3 спрема 1 за нас. Го зачувавме јазикот, ги започнавме преговорите за членство во ЕУ и ги оставивме историските прашања надвор од патоказот. Бугарија доби промена на Уставот некаде на средината на процесот – по почетокот на преговорите. Поради тоа сметам дека тоа беше добар компромис’, напиша Трифонов.
Тој ги наброја партиите кои гласаа „за“ францускиот предлог.
-За овој резултат – 3:1 за Северна Македонија, во бугарскиот парламент гласаа„Продолжуваме со промената“, ГЕРБ, ДПС, „Демократска Бугарија“, а БСП беа воздржани.
„Има таков народ“ гласаше „против“.
п.с. Не заборавајте дека исмејувањето на бугарската историја и меморија и одбивањето веднаш да се заштитат правата на Бугарите во Северна Македонија, а не некаде во далечна иднина, е една од причините поради која падна владата на Кирил Петков, напиша Трифонов.