Лидерот на партијата „Има таков народ”, Слави Трифонов, најави иницирање референдум за тоа дали Бугарија да биде претседателска република или да остане парламентарна.
„Тоа сакаме да ве прашаме на национален референдум. Одлуката треба да биде ваша, бидејќи државата е ваша“, коментира лидерот на „Има таков народ” во видео изјава на својата Фејсбук страница.
По тој повод, Надежда Јорданова од „Демократска Бугарија” изјави дека нејзината политичка сила се залага Бугарија да биде силна парламентарна република.
Јорданова смета дека тие постојано се борат за посилен парламент, за влада која е поодговорна пред Народното собрание и за подобар баланс во земјата, за да има, како што рече, „владеење на правото во наш интерес за сите граѓани”.
Лидерот на бугарските социјалисти Корнелија Нинова, пак, вели дека транзицијата кон претседателска република во Бугарија не може да се направи преку референдум, туку само со одлука на Големото Народно Собрание кое има 400 пратеници, а не со обично народно собрание со 240 пратеници.