Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на Љупчо Палевски, осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски (74).
„Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П. кој на 15.05.2024 година беше екстрадиран од Република Турција, по наредба на судија на претходна постапка денеска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство, а по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје. По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје, а заради постоење на околностите од чл. 165, ст. 1, точка 1, 2 и 3, односно постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“ – стои во соопштението од Кривичен суд.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд, наведуваат од Основниот кривичен суд.