Триесет години од пеналот на Панчев: Имав страв и трема

by fokus

Најдобриот македонски фудбалер на минатиот век Дарко Панчев во интервју за српските медиуми евоцираше спомени од финалето во Купот на европските шампиони во кое на денешен ден пред 30 години во Бари со решавачкиот удар од белата точка и донесе историска титула на Црвена ѕвезда.

– Имав страв и трема, бидејќи тој пенал одлучуваше. Но, добро, сè се заврши како што треба. Имајќи предвид дека бев голгетер, мојата девиза беше да постигнувам голови, а дали се убави или не, тоа не е важно, изјави Панчев во интервју за порталот Б92.

Црвена ѕвезда во сезоната 1990/91, во која Панчев стана најдобар стрелец во Европа, ги совлада екипите на Грасхоперс, Глазгов Ренџерс, Динамо Дрезден и Баерн Минхен, на патот до финалето против Олимпик Марсеј.

По 120 минути без постигнат гол на двете страни, финалето го одлучи изведувањето пенали во кое Панчев беше прецизен во петтата серија и белградскиот состав со вкупни 5:3 стана европски шампион.

Во декември истата година, шампионската генерација на Црвена ѕвезда со Панчев и Илија Најдоски во составот, стана и светски првак со победата над Коло коло од Чиле со 3:0 во Токио.

Триесетгодишниот јубилеј од европската титула денеска свечено ќе биде одбележан во Белград.

Поврзани новости