На З.С., осомничениот за двете убиства кои завчера се случија во Вевчани, а две лица беа потешко повредени, денеска му беше изречен 30-дневен притвор.
„Плусинфо“ пренесува дека посебни полициски сили од Единицата за брзо распоредување го извршиле спроводот на З.С., откако тој истата ноќ по убиството беше уапсен. Транспортот на осомничениот бил под силно полициско обезбедување, а за време на спроводот тој носел панцир.
З.С. завчера влегол во кафеаната „Пјаца“, која е во сопственост на сега еден од починатите, Владо Попески (насловна фотографија, лево) и почнал да пука. Според првичните информации, неговата намера била да го убие Попески, но во престрелката загинал и младиот Матеј Ѓурчески (насловна фотографија, десно), а ранети биле и Илија Пржитоски и Горан Коруноски.
По извршените интервенции, на двајцата повредени сега состојбата им е стабилна.
Според информациите од полицијата, при претресот во домот на осомничениот убиец, освен што бил пронајден пиштолот со кој го извршил убиството, полицијата пронашла и запленила 25 парчиња пиштолска муниција калибар 7,65 милиметри, 61 парче муниција калибар 7,64 милиметри и еден ловечки нож.
Досегашните сознанија говорат дека мотивот за убиството била банална расправија меѓу З.С. и Попески што се случила пред 2 месеци. Осомничениот убиец во последниве неколку месеци живеел во Вевчани, по долгогодишен престој во Хрватска, од каде што избегал затоа што наводно имал огромни коцкарски долгови.