Владата на Србија денеска донесе одлука да прогласи тридневна жалост поради трагичниот настан во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар.
Министерот за образование изјави дека во име на Министерството изразува најдлабоко жалење за најголемата трагедија што ја снајде Србија и образовниот систем.
„Во трагедијата што се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“, животот за жал го загубија осум деца како и еден чувар, додека повредените ученици и наставничката се хоспитализирани“, изјави Ружиќ.
Ова е брутален чин, изјави Ружиќ и додаде дека целото училиште било под видео надзор. Присутен бил и училишниот полицаец, рече тој.
Според него, шест деца и една наставничка се хоспитализирани.
„Ние сме им благодарни на здравствените работници, наставниците во училиштето, како и на тимот психолози кои беа поканети да им пружат соодветна поддршка на родителите и учениците во овој трауматичен период што претстои“, рече Ружиќ.
„Владата донесе одлука да прогласи тридневна жалост, а наставата во попладневната смена е прекината. Од утре наставата започнува со едноминутно молчење“, рече министерот за образование.
Тој посочи и дека е извршен разговор со премиерката Ана Брнабиќ, како и дека за се ќе се консултира претседателот на Србија за да се излезе со поадекватна слика.
„Апелот е да им се дозволи на семејствата на починатите да ги испратат своите мртви на мир“, рече Ружиќ.
Министерката за здравство Даница Грујичиќ изјави дека две момчиња кои се сместени во Тиршово се надвор од животна опасност, додека третото девојче е во критична состојба бидејќи се здобило со прострелна рана во главата.
Прострелни рани добиле и децата кои се наоѓаат во Ургентниот центар, а најкритично е момчето со повеќе прострелни рани меѓу кои и на петтиот и шестиот пршлен.
Наставничката по историја, кој исто така била застреланa, е критично.
„Со 40 години работен стаж и по деведесетите кога гледавме се, ова е можеби моето најлошо искуство“, рече видно потресената министерка за здравство која изрази длабоко сочувство до сите семејства чии деца беа убиени.
Таа рече и дека Институтот за ментално здравје ќе организира два телефонски броја на кои ќе можат да се јават сите оние на кои им е потребна помош, а сите кои сакаат ќе бидат примени веднаш, додека сите останати дејствија во врска со детето кое пукало ќе ги преземе надлежните служби.
Веселин Милиќ, началник на полициското одделение на град Белград, изјави дека помошникот директор повикал полиција, по што веднаш била испратена полиција.
После тоа анонимно лице се јавило во полиција и се претставило како Коста Кецмановиќ.
Според него, полицијата на лице место го привела Коста Кецмановиќ, роден 2009 година, додавајќи дека според досега прибраните информации, тој детално планирал најмалку една година.
Ја избрал училницата по историја бидејќи била најблиску до влезот на училиштето.
Тој во училиштето донел пиштол од татко му мал калибар, како и четири молотови коктели, влегол во училиштето и почнал да пука.
Сè било испланирано и имал список со деца што сакал да ги ликвидира и затоа ги убил, одејќи од училницата до ходникот по ред, изјави Милиќ.