Три трговски центри во Брисел евакуирани по дојава за бомба

by fokus

Три трговски центри во Брисел беа евакуирани попладнево по дојави за експлозивни направи, полициските операции се во тек, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Калина, Македонка која живее во Брисел, се наоѓала во едниот од овие центри кога започнала тревогата.

-Почна една сирена, очигледно дека не беше аларм за пожар, различно звучеше, и низ разглас ни рекоа да излеземе од најблискиот излез без да си ја земеме колата, луѓето почнаа да трчаа, не знаеш дали во моментот некој шета со пушка или нешто, ништо не знаеш, сведочи Калина за МИА.

Веднаш се затвориле продавници и се појавиле војници во центарот, раскажува Калина.

Полициски извори за МИА потврдија дека во моментов се наоѓаат специјални единици за деминирање во центрите и дека операциите течат непречено.

-Инспекцијата е во тек од страна на специјални служби на федералната полиција, безбедносен периметар е определен и во постојан контакт сум со полицијата за да се види кои мерки да се преземат, изјави за медиумите градоначалникот на општината Волуве Сен Ламбер каде се наоѓа еден од трговски центри.

Полицијата не информира дали станува збор за терористичка закана.

На 22 март 2016-та во два терористички напади во Брисел загинаа 33 лица и повредени се над триста.

Поврзани новости