Веќе три недели семејството на скопскиот архитект во пензија Коста Граоркоски нема никаков глас од него, откако тој на 23-ти јануари излегол од дома, да оди до продавница, и повеќе не се вратил.
Граоркоски има 71 година, но е човек без здравствени проблеми, интелектуалец, одговорен и активен на многу полиња, а до последно пишувал колумни и текстови поврзани со архитектура и со неговиот роден Галичник, кои ги објавувал во повеќе портали. Неговото семејство раскажува дека тој имал издадено повеќе книги, бил многу грижлив кон блиските, но водел голема грижа и за сопственото здравје.
-Бевме на настан неодамна, тој е многу внимателен и одговорен, дојде со заштитна маска. Имаше добар социјален живот, пешачеше често, си имаше свои места каде се движеше редовно, беше окупиран со пишување… Иако има 71 година, тој е човек кој секогаш размислувал рационално, стабилен е, имаше за кого и за што да живее. Во периодот кога исчезна, наредниот ден имавме роденден, значи роденден на негово внуче, тој никогаш не би го пропуштил тој настан – за ,,Фокус” појаснува неговата снаа Билјана.
Додава дека станува збор за човек кој го сакал животот, за време на пандемијата многу внимавал, но и општо, секојдневно се грижел за здравјето и водел здрав живот.
-Излегол од дома на 23-ти јануари, околу 17 часот, кажал дека оди до продавница и не го зел мобилниот. Кога го пријавивме изчезнувањето во полиција, беа прегледани снимки од камери во околината, се вклучија и кучиња трагачи. Од она кое не многу јасно се гледа на камерите, тој е сам. Дојде дресерот на кучиња од Охрид со куче трагач, и кучињата го следеа трагот до едно место. Веруваме дека кучињата навистина го лоцираа неговиот траг, бидејќи се движеа во насоката која ја видовме и на снимките од камерите, но до една точка, и потоа веќе не се знае каде заминал. Сакаме да дознаеме што се случило со него, апелираме за помош до сите кои имаат било каква информација. Се работи за сериозен човек – појаснува семејството.
И неговиот син вели дека сака да се потенцира дека не станува збор за дементна личност, туку здрав човек кој имал многу планови. Работел на нова книга, бил посветен на пишувањето и имал исполнет живот. Во периодот кога исчезнал, бил облечен во спортска облека, сина јакна и сиви пантолони. Сите кои имаат било каква информација, да се јават во полиција или пак кај фамилијата, на 078 260 617. Неговата фотографија и податоци се уште не се објавени на официјалната страница на МВР за исчезнати лица.
Не се објавени ниту податоците за уште десеттина лица кои без траг исчезнаа последните неколку месеци, а чии семејства преку ,,Фокус” апелираа за помош од јавноста. Повеќето од исчезнатите се од Скопје, но ги има и од Крушево, Куманово, Неготино и Демир Капија.
Вики Клинчарова