Решенијата за кризни ситуации вообичаено значат да се размислува надвор од кутијата. Веќе на сите ни е јасно дека никој нема да може да ги одбегне негативните економски ефекти кои со себе ги донесе коронавирусот, прашањето е само како да успееме што помалку засегнати да излеземе од ситуацијата.
Последните недели државните органи, службите на Комората, па и јавноста се претрупани од предлози, идеи и сугестии што и како треба да се направи за да се ублажат последиците. Објавата на претседателот Азески нотираше дел од иницијативите, кои зборуваат за загриженоста, но и за заинтересираноста на клучните чинители во македонската економија како побрзо да се придвижиме кон подобро утре.
Дел од покренатите прашања се “tailor made” решенија кои треба да одговорат на предизвиците кои ги донесе со себе коронавирусот, но дел се однесуваат на третирањето на хроничните состојби во македонската економија што биле оставени на маргините на економските политики, односно за пропуштените можности низ годините да се подобрат некои прашања.
Во Комората сметаме дека покренатите предлози треба да се изнесат и во јавноста за да се слушнат мислењата на поголем круг на луѓе, пред тие да бидат изнесени пред органите и телата на Комората и пред Владата на РСМ, за да се стигне до најоптималните решенија. Објавите кои ќе следат ќе начнат дел од овие прашања кои се покренуваат.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА АКЦИЗАТА ЗА НАФТЕНИТЕ ДЕРИВАТИ
Еден од изнесените предлози предвидува да биде зголемена специфичната акциза на нафтените деривати, како антикризна мерка која би овозможила поголеми приходи во државниот буџет, кој понатаму треба да ги сервисира основните јавни функции, но и да обезбедува економска поддршка за компаниите кои се погодени од кризата.
Ова би значело постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денара на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари. Со предложените мерки, во просек во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати, на месечно ниво би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво.
Истовремено, со оваа промена, за да се овозможи заокружувањето на највисоката малопродажна цена на нафтените деривати, се предлага соодветно да биде изменет Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, кој го усвојува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, на начин што износот на трговската маржа, наместо постојниот износ од 5,600 денари, се предлага да биде утврден во износ од 5,388 до 5,812 денари. На тој начин би се заокружил механизмот за формирање на малопродажните цени, а истовремено би се поедноставило постапувањето на сите учесници во процесот на формирање цена на дериватите, процедура која се спроведува на неделно ниво.
УКИНУВАЊЕ НА МОЖНОСТИТЕ ЕКСТРАЛЕСНОТО ГОРИВО ЕЛ-1 ДА СЕ КОРИСТИ КАКО ПОГОНСКО ГОРИВО
Предлозите вклучуваат и корекција на една појава која остава простор за можни шпекулации на македонскиот пазар, преку пренамена на гасното масло како погонско гориво или како гориво за греење. Имено, минералните масла (еуродизел и масло за горење екстра лесно ЕЛ-1) имаат исти тарифни ознаки (2710 19 43 00), единствено се разликуваат по специфичната акциза која зависи од нивната намена. Минералните масла (масло за горење екстра лесно ЕЛ-1) кои се употребуваат како горива за греење се обележуваат со пропишана боја и/или други состојки, што се врши исклучиво во акцизен склад кој поседува дозвола за обележување добиена од надлежен орган.
За продажба и трговија со масло за горење екстра лесно ЕЛ-1 како гориво за греење потребни се обемна евиденција, како и контрола и надзор од надлежните органи и инспекциски тела при користење и употреба на маслото за горење екстра лесно ЕЛ-1 од страна на крајните потрошувачи. Користењето и употребата на маслото за горење екстра лесно ЕЛ-1 како гориво за греење во практиката е многу тешко да се контролира и во пракса често се изигрува Законот за акцизи, па од страна на потрошувачите се случува маслото за горење екстра лесно ЕЛ-1 да се користи како погонско гориво наместо како гориво за греење.
Кон ова треба да се потенцира и еколошкиот аспект – екстра лесното гориво ЕЛ-1 во едно литро содржи 100 пати повеќе сулфур во однос на едно литро дизел гориво. Ако на пазарот во РСМ годишно се трошат приближно 50.000 тони (приближно 60.000.000 литри) ЕЛ-1 гориво, а дел од овие количини (според некои истражувања на Светската банка, дури до 90%) наместо за греење се користи како погонско гориво, се посочува дека наместо 500 кг сулфур (50.000 тони/евродизел * 10 грама сулфур /тон = 500 кг сулфур) во атмосферата се испуштаат речиси 50.000 кг сулфур (50.000 тони /ЕЛ-1* 1 кг сулфур /тон = 50.000 кгр сулфур).
Со цел да се стопира оваа појава и со цел да се регулира трговијата, се постави предлогот да се укинат одредбите од Законот за акцизи кои се однесуваат на продажба и трговија со масло за горење екстра лесно ЕЛ-1, или истите да се пренаменат кон регулирање на продажбата и користење на еуродизел горивото и како погонско гориво, но и како гориво за греење, односно како гориво со акцизно повластено користење за што ќе се плаќа повластена акциза со поседување на акцизно одобрение за користење на акцизни повластени добра (еуродизел) издадено од надлежните органи. Во таков случај, доколку потрошувачите докажат со соодветен документ (на пример, фактура за инсталиран капацитет) дека горивото го искористиле или го користат како гориво за греење, за истото да биде пресметана повластена акциза за користење на акцизно повластени добра, односно да можат да извршат поврат на платената акциза во износ до пропишаната стапка на специфична акциза која се однесува за користење на акцизни повластени добра.
РЕАКТИВИРАЊЕ НА НАФТОВОДОТ СКОПЈЕ – СОЛУН
Паралелно со овие промени, се покрена и прашањето за рестартирањето на нафтоводот Скопје – Солун. Нашата земја е една од ретките која на својата територија има нафтовод што не го користи. Транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун – Скопје беше стопиран во 2013 година, но иако во повеќе наврати беше најавувано неговото рестарирање, тоа се` уште не се случи, иако цевководот е исчистен и е целосно подготвен да биде ставен во употреба. Нафтоводот Скопје – Солун е изграден во 2002 година долж Коридорот 10, има должина од околу 213,5 километри, со капацитет од 360 m³ /h и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно.
Редовното снабдување со нафта и нафтени деривати е уште повеќе важно во вонредните околности, во какви што функционира нашето стопанство денес – без тоа, ниту еден друг сектор нема да може нормално да работи. На неделно ниво се троши 8-10 илјади тони дизел, односно во постојните услови 600-700 камиони се потребни за да се реализира увоз што ќе ги задоволи потребите на македонскиот пазар. Во услови на отежнато одвивање на транспортот преку патната инфраструктура, потребно е што поитно да биде реактивиран нафтоводот, заради обезбедување на непречено снабдување со нафтени деривати и намалување на трошоците.
П.С. Некој може да го постави прашањето: зошто сите овие предлози се покренуваат сега, во ситуација на криза, кога со години стоеле нерешени? Наместо тоа, можеби е подобро да се гледа другата перспектива – зошто да не се потрудиме да подобриме некои состојби, кои особено сега можат да му помогнат на македонското стопанство побрзо да закрепне?
Д-р Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори
Стопанска комора на Македонија