Три митови за руската нафта и моќта која произлегува од неа

by fokus

ПРВИОТ МИТ за моќта што контролата врз изворите на нафта и гас од кои се снабдува Европа му да ја дава на Владимир Путин често се формулира вака некако: „ако многу дигаат џева Европејците, Путин може да им го стопира дотурот на гас и потоа Германците и Французите ќе се смрзнуваат и ако тоа не сакаат да им се случи – ќе прифатат сѐ што руската мечка ќе побара од нив“.

Ова е мит поради две причини. Како прво, само една третина од гасот што се употребува во земјите на ЕУ доаѓа од Русија. Една третина! При што дури и таа бројка е многу зголемена поради учеството во вкупната потрошувачка на земјите од поранешниот источен блок кои се приклучени стопроцентно на руски гас (со исклучок на Романија која има свои наоѓалишта на земен гас, и која увезува само една четвртина од потребите од Русија). За разлика од нив, земјите кои во Студената војна беа во НАТО, како Германија, Франција и особено Британија, сосема мал дел од својот гас го добиваат од Русија.

За нив гасот главно се носи со танкери од Северна Африка (сетете се само на интервенцијата на француските сили лани во Мали) и Блискиот Исток, а има и одредено домашно производство, како на пример платформите во Северно Море, од кои речиси исклучиво се снабдуваат Велика Британија, Данска, земјите од Бенелукс и од Скандинавија.

Така што, ако Путин нареди да се стопираат гасоводите, најмногу ќе страдаат земјите од Источна Европа, ама тие и онака не ја креираат високата политика, која е во рацете на Германија, Франција и Британија. Кои, како што рековме, можат и без рускиот гас.

Но, дали Русија може без европските пари кои ги добива со извозот на гас кон Запад? Оти, ако Путин нареди да се запре со дотур на гас за ЕУ, тогаш и од ЕУ нема да плаќаат повеќе за гасот што нема да го добиваат. Значи, нема само Источните Европејци да се смрзнуваат, туку и во рускиот буџет одеднаш ќе почнат да фалат по педесетина милијарди евра секоја година.

А тоа е втората причина поради која првиот мит (опишан погоре) е мит. Ако Русија не ѝ продава гас на Европската Унија, на кого ќе го продава? На Кина? Па веќе продава на Кина сега. Колку што имаат потреба Кинезите купуваат, и не можат одеднаш да почнат да купуваат повеќе отколку што им треба, само за атерот на Русија. Што ќе му прават на тој вишок гас? Едино, да го купат од Русите преку гасовод само за да го напумпаат во танкери и да го пратат по море таму каде што има пазар за него – во Европската Унија на пример. Со што – гасот руски пак ќе стаса до пазарот европски, само што дел од ќарот ќе земе и Кина, како препродавач. И што од тоа фајде има Русија?

 

ВТОРИОТ МИТ за руската нафта е теоријата дека зад актуелниот судир во Украина стои заговор на Американците заедно со големите сили од ЕУ и дека на тоа треба да се спротистават со здружени сили Русите и Кинезите. Ова е потполна бесмислица!

Најголемиот трговски партнер на Кина се Соединетите Американски Држави. Кина им има позајмено трилиони долари на САД. Зошто Кина би се сојузувала со било кого, а  против својот најголем муштерија?

Ако САД бидат вовлечени во судир од кој ќе страда нивната економија – најголем губитник ќе биде Кина оти ќе нема на кого да продава стотици милијарди долари вредна стока секоја година. Воедно, ако САД останат без пари, како ќе ги вратат трилионите долари што ѝ ги должат на Кина? Така што, Кина баш и нема некој интерес да страдаат Американците, оти богата Америка е добра работа за Кина – повеќе ќе купува кинески прозводи!

Втор по големина трговски партнер на Кина е Европската Унија. Истото кажано за САД погоре важи и за ЕУ во однос на Кина. Каква воопшто корист би имале Кинезите ако Европа осиромаши? Од богатата Европа заработуваат стотици милијарди кинеските претпријатија! Зошто би сакале тие да не биде Европа богата!?

Од друга страна, Кина од Русија увезува пред сѐ суровини, како метали и енергенси. Доколку Русија се најде во лоша внатрешно-политичка и економска состојба, како што беше пред доаѓањето на власт на Путин, тогаш богатата Кина ќе може многу поефтино ги корумпира руските политичари, и да добива привилегиран пристап до руските извори на суровини. Значи, токму на Кина ѝ е во интерес Русија да биде што е можно послаба и посиромашна!

Воедно, огромните резерви на гас и нафта во државите во Централна Азија (како Казахстан, Туркменистан, Узбекистан и сл.) сега се прилично недостапни за Кинезите оти Русија е доволно моќна да го стопира кинеското влијание во тој регион. Но, ако Русија ослабне – ќе се отвори простор за  Кина да воспостави доминација врз регионот на Централна Азија.

Следствено, која е логиката Кина да стапува во сојуз со некој што сака да го види поразен со цел да ги порази баш тие кои сака да ги види што е можно побогати?

Тоа би било како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се обединат против албанските партии во Македонија. Нешто што никогаш се нема случено, туку баш спротивното се има случено кога редовно една од македонските партии со една од албанските оди против другата македонска партија (или другата албанска партија).

ВМРО-ДПМНЕ ќе игра со ДУИ или ДПА против СДСМ, и СДСМ ќе игра со ДУИ или ДПА против ВМРО-ДПМНЕ. Никогаш не се случило, и нема да се случи никогаш (оти нема стратегиска логика) СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да играат против ДУИ и ДПА. Така и Кина и Русија нема да се здружат против САД и ЕУ никогаш.

 

ТРЕТИОТ МИТ за руската нафта (и за нафтената стратегија воопшто) е дека „земјите кои произведуваат нафта ќе се здружат против земјите кои купуваат нафта“. На пример, постои убеденост дека Русија е сојузник на Иран во неговиот конфликт со САД. Апсолутна глупост е тоа.

И Русија и Иран заработуваат десетици милијарди долари секоја година од извозот на нафта на светските пазари. Ако се намали понудата на нафта, при иста побарувачка расне цената на нафтата, што значи дека е поголем и профитот за оној што продава нафта. А губи пари оној што решил да не продава нафта. А како може да се намали понудата на нафта на светскиот пазар?

Па, ако некоја од државите што извезуваат нафта престане да извезува, поради избивање граѓанска војна, ставање под санкции, напад од странство или слично, Нејзиниот удел во понудата на нафта на светскиот пазар се намалува, следствено расне цената и профитот за оние производители кои останале во игра.

Од таму, секој нафташ на секој друг нафташ му е најголем душман. Ако целиот Блиски Исток сосе Иран и Северна Африка потоне во анархија, од тој регион нема да се извезува нафта додека трае нестабилноста. И цената нафтата ќе порасне на светските берзи.

Кој има најсилен интерес Иран постојано да биде во кавга со САД? Русија, кој друг. Ако Иран е под санкции и не може да извезува, се намалува понудата на нафта на глобалниот пазар, расне цената, и Русија ќарува од извозот на нејзината нафта. Ништо чудно што токму Русите нон стоп ги с’скат Иранците да се во судир со САД, ветувајќи им поддршка и помош.

 

Како што се гледа од приложените тези, стратегиското размислување е чудна работа. Оние кои јавно се пријатели и сојузници, тајно се најголемите душмани еден на друг. Ова ние како нација треба добро да го имаме предвид кога ќе носиме стратегиски одлуки, на престојните избори особено, околу тоа што навистина е во полза на нашите национални интереси, а што е на наша штета. Тие што најгласно се чукаат во гради дека се патриоти – се токму оние кои зад грб најголема штета ѝ нанесуваат на Македонија.

Поврзани новости