Три медицински сестри од одделенијата за анестезиологија, хирургија и хируршки сали од штипската Клиничка болница од денеска се во изолација. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека изолирањето на трите медицински сестри доаѓа по направената епидемиолошката анкета на лекарот и болничарката, кои работеле на Инфективното одделение.
-Трите медицински сестри имале контакти со заразениот лекар од Неврохирургија, кој беше ангажиран во системот за ротации за работа на Инфективното одделение. Од вчера во изолација е и неговиот колега од ова одделение, вели Ѓеорѓијев.
Останува и понатаму проблемот со недостиг на инфектолози. Во моментов на одделението, кое е од регионален карактер, работат само двајца инфектолози, а третиот е на боледување. Но, како што вели Ѓеорѓијев, проблемите ги надминуваат со ангажирање на лекарите специјалисти од другите одделенија, кои им помагаат на инфектолизите.