-По неколку месечна соработка со Министерството за внатрешни работи и прибрани оперативни информации и сознанија по насока на јавен обвинител, во текот на вчерашниот ден беше спроведена акција во која тројцата осомничени се лишени од слобода и изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. По предлог на обвинителството на осомничените со решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Јавното обвинителство.
Според првичните сознанија откако братот на еден од осомничените, кој живее во Швајцарија, набавил наркотична дрога – кокаин од страна на тројцата осомничени бил организиран транспорт на истата до Скопје. Еден од осомничените кон крајот на минатиот месец авионски отпатувал во Швајцарија од каде со возило „Сеат Леон“ во кое била сокриена дрогата се упатил кон РС Македонија.
Поради несогласувања со неидентификувано лице, осомничениот го оставил автомобилот на бензинска пумпа во близина на Бујановац, а другите двајца осомничени со друго возило дошле по него. При обид за влез во нашата држава, на граничниот премин Табановце, осомничените биле задржани и при претрес на возилото бил пронајден клучот од паркираното возило.
-Во соработка со Вишото јавно обвинителство во Врање и српската полиција се преземени дејствија и при претрес на возилото, во делот под резервната гума, е пронајдена прашкаста материја со тежина од 901 грам која со прелиминарен тестер покажува дека се работи за наркотична дрога – кокаин. Доказите и вештачењето на дрогата во текот на вчерашниот ден се доставени до надлежниот обвинител од Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во понатамошниот тек на постапката соработката со органите на Р.Србија ќе продолжи преку меѓунарона правна помош, велат од Јавното обвинителство.