На инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово денеска, под сомнение дека се заразени со корона вирусот, се хоспитализирани едно лице по потекло од Кина и две лица кои допатувале од Италија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Извори од болницата за порталот „Газета експрес“ изјавија дека 28-годишниот кинески државјанин нема нагласени симптоми на болеста која потекнува од неговата земја, меѓутоа по изразените сомневања и загриженост тој самиот се јавил на инфективната клиника.
Покрај Кинезот, во приштинската болница се примени и 27-годишна жена која студира во Пjаченца, во близина на Рим и 39-годишен маж кој работи во Милано.
Од сите нив се земени примероци за анализа, а од болницата најавуваат дека резултатите ќе бидат објавени во наредните неколку часа.
Во текот на вчерашниот ден на инфективната клиника беа примени три лица кои допатувале од Италија и за кои постоело сомнение дека се заразени со смртоносниот вирус Ковид-19. Меѓутоа, како и во неколкуте други случаи во минатите денови, анализите резултираа негативни.
Во рамки на косовското Министерство за здравство на крајот на минатата недела е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот. Планот ги содржи активностите кои се преземени во случај да се јави потреба од справување со вирусот, а со него се опфатени јавните здравствени установи, организациите и владините агенции, како и Безбедносните сили (ФСК), Полицијата на Косово и царинските служби.