Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 3.500.643 лица. Од нив починале 245.048, а оздравеле 1.128.453 луѓе.
Во Австрија, бројот на новозаразени и понатаму е мал при што во последните 24 часа се регистрирани само 39 нови случаи, од кои 28 се во Виена. Виена во последните денови ги загрижува австриските власти и експерти бидејќи факторот на репродукција на вирусот достигна 1, додека е под 0,6 во другите делови на Австрија. Досега, вкупно 2.576 жители на Виена се заразени со вирусот, а во моментов се лекуваат 604 лица. Нема нови смртни случаи. Во Австрија се регистрирани вкупно 15.517 заразени лица и 598 смртни случаи од почетокот на епидемијата. Во моментов од Ковид-19 се лекуваат 1.761 луѓе од Австрија. Досега, 13.222 лица се излекувале од вирусот.
Научниците предвидуваат дека во иднина има три можни сценарија за Ковид-19: појава на епидемиски мини-бран, втор – уште поголем епидемиски бран и постојана криза, пренесе американскиот портал Стат њуз. Тие предвидувања се резултат на истражување спроведено од епидемиологот Мајкл Остерхолм и колегите од Универзитетот во Минесота. Иако тие три сценарија се разликуваат многу, тие имаат заедничко дека не предвидуваат враќање во претходната состојба. Инфекцијата нема да исчезне затоа што луѓето не се имуни на тоа.
Во Шпанија, во последните 24 часа починаа 164 лица како резултат на коронавирусот, најмалку од 18 март, според весникот „Ел Паис“. Со тоа вкупниот број на смртни случаи е 25.264. Во Шпанија, вкупно 216.582 луѓе се заразени со коронавирусот. Експертите во Шпанија проценуваат дека земјата го поминала пикот на епидемијата и Владата постепено ги ублажува вонредните мерки.
Во Русија, во последните 24 часа е забележан рекорден скок кај новозаразените, а државата го достигна шестото место во светот по бројот на заразени. Бројот на заразени лица е зголемен за 10.633, што е најголем дневен пораст од избувнувањето на епидемијата, така што вкупниот број потврдени случаи сега е 134.687. Бројот на смртни случаи се зголеми за 58 и сега изнесува 1.280. Според најновите податоци, дневното зголемување на бројот на пациенти е 8,6 проценти.
Иранските џамии, кои се затворени од средината на мај како дел од мерките за борба против новиот коронавирус, ќе ги отворат своите врати утре во 30 проценти од окрузите во државата, објави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани. -Одлучивме да ги отвориме утре џамиите во 132 окрузи каде ризикот од Ковид-19 е низок и да ги обновиме петочните молитви во согласност со санитарните протоколи, рече Рохани. Во државата има вкупно 434 окрузи. До денеска од Ковид-19 живот загубија 6.203, со 47 смртни во последните 24 часа. Вкупниот број заразени лица во земјата е 97.424.
Со цел да се задржи ширењето на коронавирусот под контрола, луѓето ќе треба да живеат под рестриктивни мерки две или повеќе години, тврди швајцарски научник кој раководи со борбата против вирусот во државата. Во интервју за NZZ am Sonntag, епидемиолог и експерт за јавно здравје рече дека се надева дека широко распространетата вакцинација ќе почне за една година, но предупреди дека сe уште има многу пречки. „Засега слабо го познаваме вирусот. Можно е да откриеме непријатни детали што ќе го комплицираат и забават развојот на ефикасни и безбедни вакцини“, додаде тој. Матијас Егер предупреди дека луѓето сепак ќе треба да носат маски, да почитуваат хигиенски навики и оддалеченост едни од други за да го контролираат ширењето на вирусот.