Три години трае мистеријата за Стојанка која исчезна во пожарот во Челопек!

by Fokus

Девет пожари се активни во земјава моментално и се работи на нивно локализирање и гасење, а пак во изминатото деноноќие имало дури 26 пожари на отворено, информираат од Центарот за управување со кризи.

Состојбата со пламените стихии, со кои се борат воздухопловните и силите од копно, ја потсетија јавноста на сличните настани од пред три години, кога во Македонија беснееа повеќе пожари, а надлежните служби тогаш известија и за првата жртва во пожарот кај Старо Нагоричане, во селото Челопек.

Стануваше збор за Стојанка Стошиќ (59), жена од Србија која околу шест години живеела заедно со две децении постариот Борис Дамковски, во куќа изградена од камен и кал, со дрвен таван.

Кога на 4-ти август 2021 година во Горно Маало, Челопек, започнал пожар, Стојанка исплашена од пламените јазици влегла во дневната соба во домот, кој набргу бил зафатен од пожарот, а потоа нивната, но и две куќи на соседите се претвориле во пепел.

Тогаш, пред камери излезе нејзиниот вонбрачен партнер Борис, како и соседи кои тврдеа дека ја виделе Стојанка како влегува во куќата, но и по сите темелни потраги на пеплосаното место, нејзиното тело, или пак останки од човечки труп, не беа пронајдени.

При пожарот, паднал и таванот на старата куќа, а наредниот ден крим техничари темелно го пребаруваа просторот. Истиот потоа беше расчистен и со багер, но од Стојанка немаше никаков траг.

Лица вклучени во истрагата тогаш појаснуваа дека сведоци ја виделе Стојанка како влегува во куќата, но можеби не забележале како таа излегува. Во тие моменти, таа два пати и се јавила на нејзината сестра во Србија и и кажала дека куќата ќе и изгори. Потоа и роднини на Стојанка од Србија дојдоа во Челопек, но жената не беше пронајдена.

Соседи појаснуваа дека можеби избегала да се засолни во шумата и таму најверојатно настрадала, а имала и проблем со одењето и користела стап, но официјално, што се случи со Стојанка, и до ден денес не е познато. Во пожарот, покрај куќата на Стојанка, изгорела и живината и неколкуте домашни животни кои ги имале.

Бидејќи жената не беше пронајдена, МВР ја води како исчезната. Но, како изгледа Стојанка, пошироката јавност никогаш не дозна, бидејќи никаде не беше објавена нејзина фотографија. Иако официјално нема вест за нејзино пронаоѓање или пак било какви новости околу тоа што и се случило, нејзина фотографија и лични податоци не се објавени на страницата на МВР за исчезнати лица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости