Прва фаза до 2007 година
Во три продолженија, „Фокус“ ќе ги анализира трите главни фази на влезот на странските директни инвестиции во земјава и карактеристиките на секој од овие историски периоди. Почнуваме со периодот од независноста до 2007 година, кој по структура на СДИ е ограничен, но по обем (гледано од тогашна перспектива) воопшто не е занемарувачки.
Пишува: Дејан Азески
Од осамостојувањето, па сè до денес, процесот на влез на СДИ во земјава, може да се каже, дека помина низ три главни етапи. Познато е дека до 1998 година и немало некои позначајни СДИ. Нивниот влез генерално значел воведување и модернизирање на технологијата, менување на управувањето и насочување кон надворешната трговска размена со западните економии.
Во тие први години од независноста беше спроведен т.н. инсајдерски модел на приватизација, по кој фирмите беа купувани од страна на менаџерите и вработените. Статистиката направена од Народна банка (НБРМ), во периодот од 1992-1997 година, во земјава влегле вкупно 124,1 милиони долари (во периодот пред 2000/2001/2002 година еврото не било воведено како платежна валута во ЕУ, што значи дека не се користело како валута за деноминација на вредностите искажани во официјалните екстерни статистики во РСМ, н.з.).
Во вториот дел од оваа прва етапа (по 1999-та) веќе почнуваат преземања (аквизиции) на атрактивни фирми, кои биле државни или повеќето приватни (банки, телекомуникации, нафтени деривати, дистрибуција на електрична енергија и повеќето суровински капацитети). Едни од поголемите преземања биле преструктурирањето на металуршкиот комбинат „Рудници и железарница“ Скопје, како самостоен субјект, Макстил АД приватизиран од страна на доверителите на Железарница, за подоцна да биде преземен од страна на Групацијата Дуферко, преку откуп на контролниот акционерски пакет за 11,5 милиони долари.
Во 1998 година, нивото на СДИ 40 изнесувал 150 милиони долари. Во оваа етапа влегува продажбата на цементарница „Усје“ на грчки „Титан“ за 30 милиони долари, која е една од првите поголеми странски преземања, Balkanbrew Holding купува 55,3 проценти од акциите на Скопска пивара за 34 милиони долари. Следната година следува продажба на рафинеријата „Окта“ на грчки Хеленик петролеум за 32 милиони долари.
Во 2000 година, 95 проценти од акциите на Стопанска банка – Скопје стануваат сопственост на грчката групација НБГ, заедно со Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација, вредна 46,5 милиони долари, осигурителната компанија АДОР Македонија била преземена од страна на „Кјуби“ за 15 милиони долари. Истата година било извршено и најголемото преземање на Македонски телеком, кога се постигнал договор за купување 51 процент од акциите од страна на унгарската подружница за 362,5 милиони евра. Во 2001 година бил преземен и „Жито лукс“ за 14 милиони евра од страна на грчки „Елбиско“.
Во периодoт што следи, од 2002 до 2007 година, влезот на СДИ е поврзан со преземањето на најуспешните и профитабилни фирми од страна на странските инвеститори, кои биле соочени со висок неекономски ризик. Тоа се должи на развојот на земјата, како и неколкугодишната нестабилна безбедност и непостоењето поволна бизнис-клима во сè уште „младата“ самостојна држава.
Во анализираниот период, СДИ изнесуваат нешто над една милијарда американски долари. Можеме да констатираме дека сумите варираат во однос на секоја година. Најмногу има во 2006 година, со износ од 425 милиони долари, и тоа најголем дел со околу 225 милиони долари, што се должи на продажбата на Електростопанство на Македонија – ЕСМ на ЕВН, австриската групација.
Во следната година забележуваме пад на инвестициите, но за многу мал процент, кој се однесува на мал износ на капитал. Во 2007 година се вбројуваат повеќе битни инвестиции со кои беа вложени добар дел средства. Поголемите инвестиции што го обележуваат овој период се однесуваат на:
– Во 2003 и во 2004 година, влезот на грчкиот оператор Космоте, но како инвестиција од фирма регистрирана во Холандија;
– Продажбата на Електростопанство на Македонија – ЕСМ на австриската групација ЕВН, во 2006 година за 225 милиони евра, која претставува една од најголемите инвестиции;
– Преземањето на рудникот „Бучим“ – Радовиш во 2006 година од страна на руски инвеститор;
– Продажбата на рудникот „Злетово“ од Пробиштип на американската компанија „Трафалгар ресурси“ во износ од 207 илјади евра;
– Џонсон контролс отвори фабрика, гринфилд-инвестиција во 2006 година, од 40 милиони американски долари, во која се произведуваат делови за автомобилска индустрија;
– Во 2007 година, „Заваровалница Триглав“ од Словенија купува 70,36 отсто од акционерскиот капитал на АД за осигурување „Вардар Скопје“, со што станува сопственик на мнозинскиот дел од акциите;
– Кон крајот на 2007 година, ИМБ „Млекара“ Битола станува дел од системот на млекарската индустрија Денјуб фудс груп, односно дел од Салфорд инвестицискиот фонд, со инвестиција од 38 милиони евра;
– На 23 ноември 2007 година потпишан е договор за купување на млекарницата „Идеал Шипка“ Битола од страна на хрватската млечна индустрија „Дукат“;
– Во мај 2007 година, Сосиете женерал стана стратегиски партнер на Охридска банка, така што банката стана дел од оваа голема интернационална групација. Тие учествуваат со 70 проценти во вкупниот капитал на банката, а останатите 30 проценти се во сопственост на правни и физички лица.
Можеме да констатираме дека во периодот 2003 – 2007, најголемиот процент на СДИ бил насочен кон секторот на: снабдување со електрична енергија, гас и вода со 29 проценти поради продажбата на Електростопанство, потоа 25 проценти се однесуваат на преработувачката индустрија со 252 милиони долари, во која влегуваат откупот на поголемите успешни преработувачки фирми, во кои се вбројуваат „Идеал Шипка“ и Битолска млекара, во која инвеститорите вложија во примарното производство на млеко и нови технологии, придонесоа кон изградба на современо опремени фарми за крави молзници, со што воведоа зголемување на квалитетот и квантитетот и гарантиран откуп, без разлика на сезоната, што доведе до унапредување на работењето во согласност со европските стандарди.
На секторот Финансиско посредување му следат 15 проценти, а вредноста изнесува 155 милиони долари. Тие се должат на инвестирањата направени во позначајните банки на Македонија од страна на странски традиционални групации, кои придонесоа кон унапредување на извршувањето на банкарскиот сервис и негово целосно насочување кон задоволување на потребите на коминтентите со истовремено креирање дополнителна вредност за акционерите, со пораст на обемот на работење и постојано збогатување со нови продукти и услуги, како и проширување на обемот на активности.
Останатиот дел со околу 8 проценти се однесува на инвестиции во секторот за сообраќај, складирање и врски, во вредност од 86,7 милиони долари, останатите по 6 проценти се однесуваат на секторот за трговија на големо и мало и секторот вадење руди и камен, додека во останатите сектори, инвестициите се одразуваат со помал процент.
Во периодот 2003-2007 година, најголемите странски инвеститори во Македонија се Австрија, Словенија, Холандија,Бугарија и Швајцарија. На овие земји им се припишуваат 63,4 проценти од вкупните СДИ во анализираниот период.
Анализата продолжува….