Три главни фази на влез на странски директни инвестиции во во земјава: Фаза втора до 2017

by Fokus

Во три продолженија Фокус ќе ги анализира трите главни фази на влез на Странски директни инвестиции во земјава и карактеристиките на секој од овие историски периоди. Продолжуваме со втората фаза од 2007 до 2017 година.

Пишува: Дејан Азески

Втората главна фаза во периодот на привлекување СДИ во Македонија е од 2007/2008 до 2016 година. Период којшто ќе го запомниме по исклучително динамичната, да не речеме агресивна политика на привлекување на странски инвестиции, со специјално подготвени владини “роуд шоу“ патувања при коишто пред потенцијални инвеститори од различни земји беа претставувани можностите за инвестирање во земјава. За волја на вистината, оваа политика даде резултати, и во тие десетина години во Македонија влегоа неколку десетици странски инвестиции, или точно според истражувањето на Призма/БИРН, 52 реализирани инвестиции. Но, исто така за волја на вистината, треба да се знае дека според базата на податоци што ја изработи БИРН, а која се однесува на тој период, од владејачката гарнитура биле најавени 138 инвестиции, од кои што покрај реализираните, 43 не биле реализирани.

Исто така, она што карактеристично за овој десетгодишен период на привлекување инвестиции, е тајноста на договорите што ги склучуваше државата со странските инвеститори, каде што беа наведени сите бенефиции што тие ги добиваат, почнувајќи од даночни ослободувања, па се’ до парични износи за секое ново отворено работно место, а што не беа достапни како јавен податок.

Податоците на БИРН од Централниот регистар, пак, кои покажуваат колку изнесуваат нетековните средства на странските компании, во коишто се вклучени вредноста на земјиштата, објектите, опремата, и кои, всушност, најблиску откриваат колку пари навистина вложиле инвеститорите.

Истражувањето покажа дека сите анализирани странски инвеститори, последните десет години во Македонија вложиле вкупно 579,6 милиони евра, што е речиси седум пати помалку од сумата што ја најавиле самите тие или претставниците на власта. А во оваа сума е вклучена и државната помош што им ја одобриле властите на странските инвеститори за градење на фабриките.

Вкупно 26 од странските компании добиле државна помош, меѓутоа сумите со коишто граѓаните со парите што ги плаќаат за даноци и други јавни давачки го финансирале влезот на некој од инвеститорите, не е позната и во одлуките објавени од Комисијата за заштита на конкуренцијата, се означени со XXX.

Истражувањето на БИРН ја разоткрива и енигмата околу отворените нови работни места во фабриките што ги изградија странските инвеститори. Податоците до кои дојде БИРН, а се однесуваат на бројот на вработени во странските компании опфатени во оваа база до крајот на 2016 година, покажуваат дека се отворени вкупно 20.246 работни места, што е три пати помалку од најавениот број.

Најмногу пари од инвеститорите што изградија фабрики во земјава досега вложила британската компанија Џонсон Мети, која според билансот на состојбата за 2015 година, има нетековни средства од  речиси 100 милиони евра. Меѓутоа, според најавите на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони, оваа компанија требаше да инвестира вкупно 145 милиони евра.

Анализата на податоците од оваа база покажува дека само четири странски компании коишто изградиле фабрики во земјава, вложиле онолку пари колку што ветиле, или дури и повеќе од тоа.

Најмногу натфрлила германската компанија Кромберг и Шуберт којашто најави дека ќе инвестира 20 милиони евра, но според нетековните средства од билансот на состојбата за 2015 година, сумата достигнува околу 29 милиони евра.

Германската компанија Таурус Фармс којашто најави дека ќе инвестира 5 милиони евра во дистрибутивен центар и плантажи за јаболка во Богданци, според нетековни средства има речиси двојно повеќе, или околу 9,6 милиони евра. Холандската компанија Антура во фабриката во Кочани инвестирала нешто повеќе од ветените 6 милиони евра, а компанијата Стил Кон која доаѓа исто така од Холандија, во Старо Нагоричане инвестирала 4,1 милион евра или околу 600 илјади евра повеќе од најавеното.

Кога станува збор за отворањето нови работни места, најголем работодавач меѓу странските инвеститори во овој период е Дрекслмајер каде што до 2016 година се вработени вкупно 5.507 луѓе. Потоа следуваат Кромберг и Шуберт со 3.116 вработени, Адиент Сеатинг (поранешен Џонсон Контролс) во Штип со 1.756 вработени, Амфенол со 1.135 вработени и Ван Хоол со 820 вработени.

АНАЛИЗАТА ПРОДОЛЖУВА…

Поврзани новости