На денешен ден во 1993 година на детскиот фестивал ,,Златно славејче,, во Универзалната сала во Скопје за првпат беше изведена песната ,,Никола, Никола,”.
Стиховите на детската песничка денес полнат триесет години, а со овој хит три децении растат генерации. Песната е авторско дело на Димитар Масевски, со текст на Васил Пујовски, а ја отпеа Оливера Лазаровска.
Денес Оливера со семејството живее во Шпанија и не се експонира во јавноста, но на Македонија и остави мала културна ризиница, чии ноти ја будат носталгијата по минатите времиња.
,,Никола, Никола” во 2011 година беше избрана за најпопуларна детска песна на сите времиња во Македонија, како дел од проектот 20 години независност.
Фестивалот ,,Златно славејче” бил основан во 1970 година, а првото издание се одржа на 23-ти мај 1971 година во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје. Ова е првиот фестивал на детски забавни песни од македонски автори на македонски јазик.
Голем број на наши музички ѕвезди ги имаа своите почетоци токму на ,,Златно славејче”- Тоше Проески, Калиопи, Ана Дурловски, Симон Трпчески, Стефан и Мартин – дуото Некст тајм, Влатко Илиевски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева и многу други.
Вики Клинчарова