Трите деца кои вчера беа префрлени во друг дом, веќе се вратени во Малиот групен дом во Визгебово. Засега нема никаква закана по нивниот живот, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Според неа, дали Домот ќе се дислоцира како што бараат дел од жителите во Визбегово, допрва ќе се одлучува, зашто дискусијата е во тек, но во секој случај, ќе се бара заедничко, компромисно решение.
-Децата викендот го поминаа на гости кај свои пријатели, исто така поддржани од Министерството. Си се враќаат сега на редовните школски активности и дневното живеење. Сепак, не сакавме да ги слушаат зборовите на населението зашто не бевме сигурни што сé ќе биде кажано. Тие деца доволно долго во животот биле изложени на одредени негативни појави и однесувања од нивните семејства и заедниците, затоа сакавме да ги заштитиме. Дискусијата за дислокација на Домот трае. Очекувам позитивен фидбек на населението, посебно што посебен дел го поддржува Групниот дом и тоа го видовме од вчерашните настани, како и од првите соседи кои кажаа нешто сосема спротивно од групата. Групите имаат можност за различни мислења, но важно е мнозинството и тоа како ќе дојдеме до одредено компромисно решение, нагласи Царовска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на успешните бизнис приказни со самовработување во Фондот за иновации.