Веќе трет ден владиката Петар ги игнорира новинарските телефонски повици и пораки, откако од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) потврдија дека тој ќе отвора телевизија која ќе се емитува во скопскиот регион.
Друштвото за производство, туризам, промет и услуги „Преобразба“ ДООЕЛ Скопје, чиј основач и управител е Петар Каревски, односно владиката Петар, веќе добило дозвола за отворање на телевизиски канал, но околу тоа за каква телевизија станува збор и какви програми ќе се емитуваат, засега нема одговори.
,,Фокус” во повеќе наврати изминативе денови се обиде да стапи во контакт со владиката, кој завчера и денес ги игнорираше нашите прашања, а пак во тек на вчерашниот ден му беше исклучен телефонот. И од други медиуми исто така безуспешно се обидувале да добијат одговори на прашањата, бидејќи владиката не им одговарал на повиците.
Дали станува збор за телевизија која ќе емитува религиски, забавни, културни или пак и политички содржини, дали веќе е оформен уредничкиот тим на неговиот медиум, и колку финансиски средства вложил владиката во овој проект, се прашањата од јавен интерес на кои до објавата на веста се уште не добивме одговор.
Владиката Петар (76) е роден во велешко Богомила во занаетчиско семејство. Во 1970 година дипломирал на Богословскиот факултет во Белград.
Пред пет години се најде во центарот на вниманието кога беше приведен и испрашуван од финансиска полиција на Аеродромот Скопје. Потоа се огласи во јавност појаснувајќи дека неговиот адвокат им докажал дека направиле грешка, по што од полицијата му се извиниле.
Вики Клинчарова