Популарната балканска турбо фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ на 15-ти јуни доаѓа во Македонија, и ќе одржи ВИП концерт во Куманово Спа. Таа подолг период нема настапувано, а концертот во Куманово е единствениот настан истакнат во нејзината агенда за наредниот период.
Но, иако нема настапи периодов, пејачката од завчера е доста актуелна во регионот, откако на музичкиот канал Јутјуб ја промовираше својата нова песна, дует со Жељко Јоксимовиќ насловен „Повеќе од среќа“.
Ова е прва песна на Ражнатовиќ по пауза од неколку години, и моментално ги урива рекордите со бројот на преслушувања. За само еден ден има над 920.000 прегледи, и песната веќе се врти во етерот и масовно се споделува на социјалните мрежи.
Се работи за балада за која музиката и текстот се на Милош Рогановиќ, а пак аранжманот и продукцијата се на Жељко Јоксимовиќ.
– Пеевме заедно пред 20 години, во една новогодишна емисија, тоа беше одлична подлога и на овој дует се чекаше дваесет години. Со Жељко имаме соработувано на повеќе мои песни, еве сега ни се случи и долго очекуваниот дует.
Ние и приватно се дружиме, и дружбите ни започнуваат така, што јас одам кај нив на вечера во 19 часот, а си заминувам дома наутро во седум часот, кога луѓето веќе одат на работа. Тој и неговата сопруга се одлични домаќини и секогаш имаме интересни теми за разговор. За музика, за приватен живот, за се се разговара, тие се фантастични луѓе, раскажа пејачката за Блиц тв по повод соработката со Јоксимовиќ.
Таа во Куманово доаѓа во сабота, а гостувањето го најави уште во јануари годинава.
Вики Клинчарова