Веќе трет ден гори кај Неготино и се уште не може да се локализира големиот пожар. Истиот започна во средата во околу десет часот наутро во близина на армискиот полигон Пепелиште, а веќе во 10.30 часот чадот беше видлив и над градот.
Синоќа пламените јазици ја зафатија и планината Серта, а вознемиреното население апелираше да се испрати помош за гасење од воздух, односно ер трактори. Пред тоа пак, во гасење на пожарот беа вклучени хеликоптери.
Луѓе кои живеат или пак имаат викендички, но и одгледуваат добиток во селата Липа, Калањево, Брусник и други околни места, од вчера добија насоки да ги напуштат живеалиштата и да се засолнат во градот. Според информациите со кои располага ,,Фокус”, се уште има сточари кои со својот добиток останале таму.
Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи за ,,Фокус” вели дека покрај хеликоптерот кој од утрово е на терен и го гаси пожарот кој се прошири на Серта, за кратко тргаат и ер тракторите. За сточарите кои останале таму пак, вели дека имаат направено обрач околу своите места, односно немало трева околу нивните живеалишта, што според него значи дека оганот не може да ги зафати објектите во кои престојуваат.
Инаку, државата има три ер трактори кои немаше кој да ги управува, бидејќи двајца од пилотите се пензионирале, а со само еден активен пилот авионите не смееле да летаат. Денес, три дена откако владее огнената стихија, се враќаат на работа пензионираните пилоти, со цел да се активираат ер тракторите и да се спречи поголема катастрофа.
За недостатокот на пилоти ,,Фокус” алармираше уште пред пет години, кога во земјава се случија повеќе големи пожари. Тогашниот премиер Зоран Заев најави дека ќе се обучуваат пилоти, но и до денес очигледно не се превзело ништо околу ова прашање.
Вики Клинчарова