Пазарната инспекција изрече казни од над 2 милиони денари за трговците кои не ја почитувале владината одлука. Казнети се 5 големи ланци на маркети, каде се утврдени неправилности. Непочитување на мерката има и кај 3 средни од кој еден во Арачиново, како и кај мали трговски објекти од Скопје, Битола, Куманово, Гостивар и Валандово.
Првиот човек на Пазарна инспекција, Горан Трајковски, вели дека она што го прават трговците е недопусливо. Ако со владината мерка е опфатено кафето од 200 грама, сега го продават како 194 грамско, само за да не поевтини.
-Киселото млеко кое е опфатено со одлуката е од 400 до 500 грама. Сега, за да се заобиколи законот, на пазарот го има истото, но како 300 грамско. Нека ги има и тие производи во толкаво пакување, но мора да има и 400 грамско, кое е опфатено во одлуката. Затоа што во законски мора да имаат 70% од производите на залаха како претходниот месец – изјави Трајковски за Сител.
Состојбата на терен покажува дека само мал дел од производите се продаваат поевтино. Трајковски вели дека казни ќе заработат и трговците кои ги качиле цените пред да се донесе владината одлука или ги тргнале тие производи од рафтовите.
-Наидовме повторно на обиди да се заобиколи одлуката, за да се избегне намалување на цените. Ние се уште имамо производи кои не се означени дека се опфатени со мерката, што е крајно несеризоно – додава тој.