Трговското здружение од Солун предлага продавниците да затвораат порано за заштеда на енергија

by fokus

Трговското здружение од Солун им предлага на продавниците во градот поради енергетската криза и за заштеда на енергијата, од следниот понеделник да затвораат порано, односно во 19 часот, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретно, предлогот е продавниците во вторник, четврток и петок да работат од 10 до 19 часот, а во понеделник, среда и сабота од 10 до 16 часот.

-Поради проблемите создадени од енергетската криза и непредвидените тешкотии на претстојната зима, поради намалувањето на прометот на пазарот и барањето на владата за намалување на потрошувачката на електрична енергија, Управниот одбор на Трговското здружение на Солун одлучи да предложи намалено работно време за продавниците во попладневните/ вечерните часови, пишува во соопштението.

Претседателот на здружението Панделис Филипидис за солунскиот портал „Гртајмс“ објаснува дека се усогласуваат со владините упатства за 15 отсто намалување на потрошувачката на електрична енергија и ја спроведуваат во пракса, но истакнува дека кон оваа препорака треба да се придржуваат и големите трговски центри.

-Ние даваме предлог согласно тоа што законски го бара владата, но или сите заедно се трудиме или никој. Ќе видиме како ќе се движи пазарот во првата недела, објасни Филипидис.

Поврзани новости