Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) вчера се обидел, но не можел да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија, бидејќи, како што изјави за МИА директорот Руфат Хусеини, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефон.
– Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор, изјави Хусеини.
Никој, како што дополни тој, не крева телефон, ниту сопственикот на „Беса транс“, ниту некој во канцелариите. – Сега ќе доставиме писмен допис и ќе закажеме термин за да не пречека и да ја отвори канцеларијата, ако не ја прими доставницата тогаш ќе се изврши достава преку Министерството за внатрешни работи, најави Хусеини.
По автобуската несреќа што се случи во раните утрински часови на 23 ноември на автопатот „Струма“, кога автобус на превозникот „Беса транс“ враќајќи се од Истанбул удри во заштитната ограда од патот и се запали, Владата на седница го задолжи ДИТ да изврши вонреден инспекциски надзор. Со надзорот, треба да биде опфатено се што е во рамки на надлежностите на Инспекторатот согласно со Законот за превоз во патен сообраќај.