„Трезор“: Обвинителството не побара застарување, туку го преквалификува делото

by Фокус

Денешното рочиште за предметот „Трезор“, кој се однесува на набавката на британската опрема за следење комуникации, каде еден од обвинетите е ескдиректорот на УБК Сашо Мијалков, не ја доживеа судбината на „Таргет“, за кој судот по предлог на Обвинителството донесе решение за запирање на постапката поради застареност, што го спаси Мијалков од понатамошен прогон.

Обвинителот Трајче Пеливанов денеска пред Кривичниот суд соопшти дека врши прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт и преквалификација на кривичното дело за кое се товарат обвинетите.

Покрај Мијалков, во случајот „Трезор“, кој го отвори поранешното СЈО, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, и експомошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ. Тројцата се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, додека поранешниот началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски, се товари за помагање.

Со промените во диспозитивот обвинетите во „Трезор“ останува да се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување по членот 353 од КЗ, но по друг член и наместо дејствието искористување на службената положба, сега се товарат за пречекорување на границите на своите службени овластувања.

Идентична преквалификација на делото обвинителот изврши и за обвинетите Јакимовски и Стајковиќ, со таа разлика што за ескпомошник-министерот во МВР делото со преквалификацијата не е врзано со членот 45 од КЗ кој се однесува на продолжено кривично дело, туку дело кое било извршено еднаш.

Токму затоа, обвинителот му предложи на судот да констатира застарување на кривичното дело само за Стајковиќ, додека за останатите обвинети постапката да продолжи.

Ваквиот потег на обвинителот наиде на реакции кај одбраната на Мијалков, која пред судот наведе дека со преквалификацијата на делото и предлогот застарување да има само за Стајковиќ, тој ги крши измените на Кривичниот законик.

Поврзани новости