Во Конгресот денеска сведочи третиот човек на Стејт департментот, заменикот државен секретар за политички прашања Дејвид Хејл, во рамки на истрагата за импичмент на претседателот Доналд Трамп.
Како што се дознава, Хејл треба да даде исказ пред законодавците дека Стејт департментот се откажал да даде поддршка за својот дипломат, поранешната амбасадорка на САД во Украина Мари Јовановиќ, поради политички убедувања.
Се очекува да посочи дека државниот секретар Мајк Помпео и други високи официјални лица утврдиле дека можната поддршка за Јовановиќ би наштетила во напорите за деблокирање на воената помош за Украина. Исто така, тој треба да изрази загриженост од улогата на личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, кој бил иницијатор на смената на амбасадорката.
Инаку, денеска треба да сведочат уште двајца високи функционери, директорот на Управата за буџет на Белата куќа, Расел Воут, и министерот за енергетика Рик Пери.
Самата Јовановиќ, која беше сменета годинава в мај, веќе сведочеше. Како што раскажа, Џулијани и други лица од блискиот круг на Трамп барале нејзина оставка.
Хејл, дипломат од кариера кој го владее арапскиот јазик, е поранешен амбасадор на САД во Либан, Пакистан и Јордан, треба да прецизира зошто висок дипломат од ранкот на Јовановиќ, не добил поддршка од својата матична служба и станал жртва во напорите на Трамп да влијае врз раководството на Украина да започне истрага за украинскиот бизнис на синот на неговиот политички противник Џо Бајден.
Според изворите, Хејл има намера да посочи дека дејствата на Помпео во долгорочна перспектива биле „политички мудра одлука“.