Филип Недев, деветгодишно момче од Скопје освои прво место во кати за деца на Европскиот шампионат во традиционално карате, кој се одржа во Ново Место, Словенија.
Во конкуренција од над 600 натпреварувачи од 20 земји, неговата братучетка Камелија Недев пак, го освои 4-то место.
Филип и Камелија, која е две години повозрасна од него се деца на браќата Аљоша и Дејан Недеви, познати каратисти, синови на Венцислав, исто така познат каратист и своевремено организатор на повеќе првенства во карате.
Иако има само девет години, Филип уште на четири-годишна возраст започнал со редовните тренизи, и досега има учества на повеќе домашни и меѓународни натпреварувања. Носител е на црн појас, први дан.
Неговиот татко Аљоша не ја крие гордоста поради успесите, но и посвтеноста на Филип кон овој спорт, кој традиционално се пренесувал од колено на колено.
Во разговор за ,,Фокус” открива дека уште кога имал две години, Филип веќе започнал да покажува интерес за каратето, а потоа спонтано навлегол во овој свет.
-Кај нас дома отсекогаш каратето било тема на разговор. Децата растеа со тие муабети и настани поврзани со карате, доаѓаа на тренинзите кои ги одржуваме со брат ми, па така и самите навлегоа во тој свет и го покажаа интересот и љубовта кон спортот од мали нозе.
Филип сега е ученик во четврто одделение во ОУ ,,Димитар Миладинов” во Скопје, и успева да најде време за се. Доаѓа на тренинг три до петпати неделно, оди на музичко, на англиски…
Тој интерес кон каратето му роди спонтано, самиот се интересираше, и горди сме што постигнува одлични резултати, што од рана возраст има сериозен пристап и голема самодисциплина- вели Аљоша.
Додава дека тој и неговиот брат Дејан одржуваат тренинзи за деца и возрасни во два клуба, а нивниот татко секогаш бил достапен за професионални совети.
-Татко ми е ,,виновникот,, од кого почна се. Три генерации чекориме по тој пат, се пронајдовме во овој спорт. Како што тој беше горд на мене и на брат ми, така сега ние сме горди на успесите на нашите деца.
Филип зад себе има значајни резултати на Балкански шампионати, на Европски првенства, Светски првенства, на Светски куп… Многу освоени први места и достоинствено претставување на нашата земја. Се надеваме на уште поголеми успеси во иднина – истакна Аљоша Недев.
Вики Клинчарова