Само обединување и заедничко истапување на луѓе без „опашки“ во политиката, стручни и, пред сѐ, граѓански ориентирани, со желба да направат нешто за општеството и за државата, а не од личен интерес, е единствената можност што може да предизвика сериозни поместувања на политичката сцена.
Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ
Многу одамна во Македонија, а и во околните земји, постои потреба од трета политичка опција, независна и поразлична од досегашната понуда што опстојува повеќе од три децении. Длабоко поделеното општество со крајна и длабока партизираност на државата и државните институции не овозможуваше создавање простор за трета независна опција, која би им се спротивставила на двете големи политички партии.
И покрај спротивставеноста и крајната нетрпеливост, и ВМРО и СДСМ дејствуваа како едно во уништувањето на секој зародиш на нешто самостојно и независно вон нивна контрола на политичката сцена. Ниту една од партиите не жалеше ниту средства, ниту ресурси, уште во самиот почеток да ја уништи секоја идеја за создавање, а уште помалку за растење трета политичка опција.
ЗАШТИТА НА МОНОПОЛОТ
Тоа го правеа и го прават со дискредитирање на личностите што претставуваат потенцијална опасност и конкуренција преку измислени афери, трачеви и најдолни лаги, закани, уцени, заплашувања или со поткупување на истите. Не е тајна дека определени граѓански здруженија се формирани токму од партиите како проект на кој ќе се налепат независните под мотото на правда, правичност, патриотизам и што ли уште не, и на крај ќе бидат изманипулирани од партиските ботови, послушници и полтрони, кои се во врвот на здружението.
Законските решенија, кои се однесуваат на изборите, се донесени и осмислени токму од двете политички партии и се скроени така, да го штитат нивниот монопол, а да не даваат ни најмала шанса на малите политички партии, или независните кандидати. Честото менување на изборните правила и тоа често пред самите избори е само уште еден пример за немање демократски капацитет и волја за чесна и фер борба со еднаква можност за сите, а најсвеж пример беше обидот за подигање на бројот на собрани потписи за независните кандидати на локалните избори. На ова реагираа дури и претседателот на Републиката и Антикорупциска комисија.
Безобразното, незаконито и противправно користење на државните средства, како финансиски, така и технички, од страна на партијата што е на власт во изборните кампањи и самите избори е уште една од причините поради кои досега не се појавила трета опција, која би можела да им се спротивстави на двете големи партии.
Ако на ова се додаде дека ваквите незаконити дејствија никогаш не добиле правна разрешница и не биле санкционирани, повеќе од јасно е дека сѐ уште е далеку мигот за создавање услови за трета политичка опција и рамноправен натпревар.
Ниту партиското влијание и инфилтрираност во судството и медиумите не се за потценување, туку напротив, претставуваат моќна алатка за елиминирање на политичките опоненти, а особено на независните кандидати.
МЕНТАЛНА МАТРИЦА
Ако сево ова се собере и додаде на немање основна демократска култура на двете политички партии и нивната недопирливост, неодговорност и нетранспарентност со всадена ментална матрица дека на изборите е сѐ дозволено и дека санкција нема, тешко во догледен период да се појави сериозна трета независна политичка опција, која сериозно ќе им парира на двете големи политички партии.
Дополнително, ваквата политичка ситуација и поставеност на политичката сцена ја усложнува и националниот и верскиот елемент, кој во нашето општество е сѐ уште доминантен и оневозможува создавање вистинско граѓанско општество.
Не е за занемарување и традиционализмот кај македонскиот гласач, кој не гласа за подобриот, туку за помалку лошиот и кој честопати, и покрај незадоволството од работата на тој за кого гласал, повторно би гласал за истата партија, што впрочем и го покажува последната анкета.
Неспорна е потребата од создавање трета независна политичка опција, но потребна е работа за создавање услови за нејзино раѓање. Поединечното истапување на политичката сцена на граѓански здруженија или поединци е добар предуслов и можност за создавање сериозна критична маса на чесни, слободоумни и стручни луѓе, кои обединети и сплотени сериозно би им конкурирале на двете политички партии кои со децении го разнебитуваат општеството.
Но, само обединување и заедничко истапување на луѓе без „опашки“ во политиката, стручни и, пред сѐ, граѓански ориентирани со желба да направат нешто за општеството и за државата, а не од личен интерес, е единствената можност што може да предизвика сериозни поместувања на политичката сцена.