Започнува третата работна недела на 104. собраниска седница за реконструкција на Владата. Пратениците денеска ќе ја продолжат расправата за Предлогот за избор на членови на Владата да бидат Кренар Лога, за министер за правда, Фатмир Меџити, за министер за здравство, Азир Алиу за министер за информатичко општество и администрација и Каја Шукова, министер за животна средина и просторно планирање.
Во петокот расправата за избор на новите министри беше прекината во вечерните часови, а претседателот на Собранието најави дека таа ќе продолжи денеска напладне.
Расправата за изборот на новите министри продолжува, откако по десетдневна дебата беа разрешени министрите од Алтернатива, за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи.
На 104. седница по изборот на министрите треба да се расправа и гласа за разрешување на пет заменици министри и да бидат именувани нови.