Трета меѓународна конференција – „Унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“

by Fokus

На 30 мај 2024 год., во Скопје, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) се одржа Третата меѓународна конференција „УНАПРЕДУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА“. На конференцијата присуствуваа над 150 учесници – домашни и странски стручњаци од областа на безбедноста во сообраќајот, членови на РСБСП, претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, локалните самоуправи, Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Србија, Хрватскиот автоклуб, Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Српска, Европскиот центар за транспортни политики и Државната агенција за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Бугарија, претставници од АМСМ, Општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата, од факултетите, средните сообраќајни училишта, испитните центри, медиумите и други здруженија и институции.

Целта на конференцијата беше да се разменат искуства и практики од: безбедноста на учесниците во сообраќајот, безбедноста на сообраќајот на патиштата (експлоатацијата и одржувањето на патиштата, контролата и регулирањето на сообраќајот на патиштата и сл.), сообраќајното инженерство и проектирањето, влијанието на безбедноста на сообраќајот врз животната средина и одржливиот развој, интелигентните транспортни системи, современата сообраќајна опрема, сообраќајни знаци и материјали, иновативните методологии и материјали за изградба на патиштата, сообраќајната политика и регулативите, безбедноста на сообраќајот во локалните самоуправи, сообраќајното образование и сообраќајната култура, соработката во безбедноста на сообраќајот на национално ниво, билатералната и меѓународната соработка, сите во функција на подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Воведни излагања имаа Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП, Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност, Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје, Младен Петровиќ, директор на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Српска и Мирко Коковиќ, помошник директор на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Србија. Покрај презентациите на трудовите, беше претставено најновото издание на РСБСП – „Прирачник за управување со велосипед, велосипед со помошен мотор и електричен тротинет“, како и монодрама од Васко Тодиќ, соработник на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Српска.

Со презентациите на конференцијата беа опфатени теми од областа на: примената на иновативни алатки во анализа на расположливата прегледност на постоечките патишта; интелигентните сообраќајни системи и новите технологии за безбедност во сообраќајот; системот за управување со безбедноста во сообраќајот базиран на анализа на просторни податоци; проценката на околината на патот од експерти, возачи и вештачка интелигенција; влијанието на напредните системи на возила врз автоматското возење; споредбата на пешачки премини врз основа на времето на стартување со моделот Fuzzy FUCOM – MARCOS; безбедните велосипедски патеки; турбо кружните крстосници; БРТ (BRT – Bus rapid transit) масовниот јавен транспорт – одржлив транспорт: Студија на случај во град Скопје; искуствата од Првата национална стратегија за безбедност на сообраќајот на Република Србија; едукацијата на возачи на моторно возило во редовното средно образование во Република Северна Македонија и други.

 

Поврзани новости