Трет брод со мигранти се преврте во Егејското море

by fokus

Најмалку 16 лица загинаа кога брод со мигранти се преврте на 24 декември во Егејското Море, соопшти грчката крајбрежна стража. Ова е трет чамец со мигранти кој се преврте во грчките води во последните неколку денови.

Крајбрежната стража соопшти дека 62 лица биле спасени откако чамецот се превртел на околу 8 километри од островот Парос во централниот дел на Егејското Море. Преживеаните ѝ кажале на крајбрежната стража дека на бродот имало околу 80 луѓе.

За само неколку денови во грчките води загинаа 30 мигранти при превртување на бродови. Потврдено е дека на 23 декември загинале 11 лица откако бродот со кој се превезувале се насука на карпестиот брег на повеќе од 200 километри јужно од Атина. Крајбрежната стража соопшти дека 90 преживеани биле спасени откако поминале часови на островчето.

При потонување на брод со мигранти во близина на островот Фолегандрос загинаа најмалку три лица. Уште 13 биле спасени, а преживеаните пријавиле дека најмалку 17 лица се водат како исчезнати. Властите соопштија дека патниците биле по потекло од Ирак.Грција се наоѓа на рутата што мигранти од Африка, Азија и Блискиот Исток ја користат за да стигнат до ЕУ.

Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, проценува дека повеќе од 2.500 луѓе загинале или исчезнале на море во обидот да стигнат до Европа од јануари до ноември оваа година.

Поврзани новости