Трет ден расправа за Предлог-буџетот: Шест години СДСМ и ДУИ носат инфлација и катастрофален стандард!

by Fokus

Почна 52. седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет со што продолжи расправата по Предлог-буџетот за 2023 година.

Ова е трет ден од општиот претрес, а збор, според редоследот на пријавени, прва имаше пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ. Пешевска најпрво го повтори партискиот став, дека предложениот буџет е историски највисок, инфлаторен и расипнички, а потоа изнесе и оценки за досегашната работа на власта.

-Оваа Влада е единствено успешна по задолжувањето, а со овој буџет догодина ќе не задолжи за 1,5 милијарда евра и јавниот долг ќе достигне осум милијарди евра. Шеста година по ред од СДСМ и ДУИ само слушаме за економски раст, а донесоа инфлација и катастрофален животен стандард. Состојбата е застрашувачка и повторно се ќе падне на товар на граѓаните. Предлог-буџетот е нереален поради вештачкиот раст на приходите и инфлацијата која е резултат на погрешните политики, рече Пешевска.

Таа се осврна и на економската и енергетската криза, обвинувајќи дека од премиерот Димитар Ковачевски граѓаните секојдневно слушаат демагогии, наместо, како што истакна, конкретни мерки и програми.

За реплика се јави Диме Влековски од СДСМ кој во моментов ги објаснува буџетските проекции.

-За економијата може да зборуваме до утре, но тие се средствата што се прибираат. Умешноста е како тие да дојдат до граѓаните, рече Велковски.

На седницата е присутен заменик-министерот за финансии, а првиот ден Предлог-буџетот го образложи министерот Фатмир Бесими. Согласно проекциите, вкупните приходи се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или на 42,7 милијарди денари, додека вкупните расходи на 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.

Поврзани новости