Пратениците денеска трет ден на пленарна седница расправаат за Дополнетниот предлог-буџет за 2023 година. Денешниот ден помина во меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата за тоа дали буџетот е развоен.
Опозицијата останува на ставот дека Предлог-буџетот е најобемен и дека од него граѓаните нема да видат ништо добро освен тоа што ќе имаат обврска да го полнат. Буџетот, сметаат од опозицијата, е инфлаторски затоа што се базира на инфлацијата, а не на економскиот раст.
– Имаме историски најголема инфлација и најголем јавен долг, највисоки цени на основните прехранбени производи во регионот и најниски плати. Струјата е поскапа за повеќе од 40 проценти, а по Нова Година ќе поскапи за дополнителни пет проценти, рече Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, од предложениот буџет може да се заклучи дека земјава оди во банкрот.
За парламентарното мнозинство, буџетот е насочен кон макроекономско заздравување. Во него има планирано 800 милиони евра за капитални ивестиции, 25 милиони евра за антикризни мерки, а предвидени се и средства за редовна исплата на пензии, плати и социјални надоместоци.
Заменик-министерот за финансии Филип Николоски во реплика на обвинувањата од опозицијата ги негираше тврдењата дека задолжувањето следната година ќе биде 700 милиони евра и дека се зголемуваат непродуктивните трошоци.
– Не е точно дека се зголемуваат непродуктивните трошоци. За патни трошоци имаме намалување од 80 милиони денари, за поправки и одржување намалување од 48 милиони денари, за други расходи и репрезентации од 62 милиони денари и за набавка на нови возила намалување од 33 милиони денари, рече Николоски.
Во однос на реализацијата на капиталните расходи, Николоски посочи дека реализацијата заклучно со вчера е 63 проценти, а до крајот на годината се очекува да надмине над 70 проценти.
Расправата продолжува по редовната едночасовна пауза.
Дополнетниот предлог-буџет е на пленарна седница откако претходно на владина седница беа вградени прифатените амандмани од расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Прифатени се шест амандмани од опозицијата во вкупен износ од околу 480 милиони денари