Тренерот на Академија Пандев за ситуацијата во Ѓорче Петров: Макар и по лош момент се коментираше за македонскиот фудбал!

by fokus

Неделниот меч помеѓу Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев беше во центарот на вниманието на цел Балкан, а дозна и шпанскиот медиумски гигант „АС“.

Не поради резултатот, туку поради ситуацијата во која главен актер беше играчот на „пандевци“, Стефан Костов кој со топка во раката спречи напад на „лавовите“.

Целата македонска јавност почна си фаќа сеир со ваквиот момент, а социјалните мрежи се преполни со негативни коментари на сметка на Костов.

Тренерот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски за „Фокус“ даде свое гледиште околу целосната ситуација.

„Се уште чекаме целосна информација од надлежните органи да ја појасни целава ситуација. Нормално чекаме и видео материјал кој ќе ја прикаже целата ситуација затоа што од видео приказот од МТВ се гледа само фокусот на активноста на Костов со топка и неговото фрлање кон другата топка. Инаку ситуацијата е ваква: аутот е за ФК Академија Пандев, детето за потфрлање на топки во игровото поле потфрла топка кон Костов да го изведе аутот. Костов се обидува да ја додаде топката до Јованов кој во меѓувреме зема помошна топка покрај аут линијата и го изведува аутот. Во моментот на изведување на аутот од Јованов другата топка е во рацете на Костов и тој реагира со трчање, а потоа и ја фрла топката (страно тело) кон активната топка. Правилата се повеќе од јасни, реакција на главниот судија бидејќи има две топки, отстранување на едната топка и потфрлање. Мислам дека доколку имаше правилна реакција од луѓето задолжени за правда на натпреварот, немаше ниту да дојде до бизарната ситуација подоцна со Стефан Костов. Но додека не се покаже со видео материјал ниту можеме да ја осудиме постапката на Костов, ниту да го осудиме погрешното интерпретирање на правилата од судијата. Инаку јас гледам и нешто позитивно во целиот случај ако не друго макар и по лош монент се коментираше за македонскиот фудбал. Според мене најголема придобивка ќе биде ако судиската одлука е исправна, судијата ќе добие толку голем кредибилитет што веднаш од ФФМ можат да го предложат на меѓународна листа“, истакна Тренчовски.

Ваква слична ситуација се случила и на мечот помеѓи Кашимпаша и Бешикташ. Тогаш ветеранот Хуго Алмеида беше сопрен на сличен начин од Рајан Донк. За таквиот потег Донк доби жолт картон.

Ј.Ц.

Поврзани новости