Сојузот на синдикатите на Македонија ја повика Владата да го исполни ветувањето за минималец од 450 евра, кое го најави во првите 100 дена, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. Тој рече дека е оптимист дека ќе има средба со премиерот Мицкоски.
„ Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. 450 евра не само што е реалност туку и неопходно, особено поради тоа што ние укажувавме цело време дека додека ние разговараме, дали треба да се зголеми минималецот во Македонија, државите од регионот го зголемуваат со забрзано темпо.
Прашувам јавно зошто цените се зголемуваат иако платите на вработените не се зголемуваат оваа година поради изборите? Прашувам експертите да ни одговорат и нас и на работниците и на граѓаните и на пензионерите кои пазарат во маркетите зошто цените растат и никој не води грижа и контрола да го заузда ваквиот неоправдан раст? рече Трендафилов.
Првиот човек на ССМ рече дека сите треба да ги загрижува тоа дека работниците може да си заминат од земјата.
„Тоа што мене ме загрижува е што слушаме изјави од политичари дека доколку им се намали платата тие ќе ги напуштат нивните работни места.
Тоа што нив треба да ги загрижува е дека доколку не се зголемат платите на работниците, работниците ќе си заминат од Македонија поради тоа што ќе имаат можност да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра, во Бугарија за 500 евра, во Србија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не зборуваме за Хрватска и за Словенија“ рече Трендафилов.
Тој нагласи дека е потребно и зголемување на платите во приватниот сектор, зголемување на регресот за годишниот одмор и воведување на јубилејни и други награди за вработените. Нагласи и дека со Владата ќе разговараат што поскоро да се потпишат анекси на колективните договори во јавниот сектор и утврдување на коефициентот за пресметка на просечната плата.