Трендафилов: Потребно е предвремено пензионирање, а не зголемување на пензиската граница

by Fokus

Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од предлогот на Фискалниот совет за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија на 67 години.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во изјава за државната МИА вели дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено –економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.

– Доколку членовите на Фискалниот совет сакаат да помогнат во крпење на буџетот во Фондот за пензиско, можеби треба да почнат да плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за сите нивни приходи што ќе претставува пример и за останатите кој треба да се следи! И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се дел од работниците, а на штета на работниците. Напоменуваме дека вакви избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, само и исклучиво во обем потребен за покривање на дефицитот на Пензискиот фонд, на долг план не вложувале со плод, напротив структурните проблеми останувале нерешени и проблемите се повторувале, вели Трендафилов.

Според него, потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата.

Трендафилов посочува дека се потребни и политики и мерки за пристојна работа за сите со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди со цел да се задржат младите луѓе да работат и живеат во сопствената држава.

– Потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија – по возраст или работен стаж – по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж, посочува Трендафилов.

Поврзани новости