Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на социјалните мрежи сподели видеоснимка од ТВ-прилог на која може да се види и слушне како пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, дава поддршка на штрајкот што ССМ го организираше во јуни 2022 година, кога синдикалците бараа зголемување на платите на вработените во јавниот сектор.
Снимката, која е од прилог на ТВ 24 од пред речиси четири години, Трендафилов ја сподели откако се најде во отворен конфликт со пратеничката по блокадите што ССМ ги почна оваа недела, со цел да издејствуваат зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите плати за 6 000 денари.
По блокадата на ССМ на Собранието во вторникот, пратеничката Стојаноска на социјалните мрежи објави снимка на која се гледа Трендафилов со своите две деца како влегуваат во автомобил. Во описот на видеото таа наведе дека лидерот на ССМ со службено возило извршува приватни обврски.
Во видеото, пак, што го објави Трендафилов може да се слушне дел од обраќањето на Дафина Стојаноска, која и пред четири години беше пратеничка, само во опозиција, во кое ги поддржува барањата на ССМ за покачување на платите во јавниот сектор.
Стојаноска тогаш им дава поддршка на синдикалците за време на една од нивните блокади на Собранието во рамките на протестите.
На протестот, покрај Стојаноска, може да се забележи и присуството на нејзините колеги и сопартијци, Бојан Стојаноски и Тони Јаревски.
Во описот на видеото, Трендафилов цитира дел од тогашното обраќање на Стојаноска во кое таа ја критикува владата предводена од СДСМ
-Ветувањата ќе мора еден ден да ги реализираат, тој ден не да доаѓа туку е поминат, нема бегање од тоа, нивна е одговорноста, тие се продуценти на кризи, не можат да се справат со кризите затоа ќе им се случува ова што ќе им се случува и го презедовме целиот тој ризик свесни дека можеби ова наше доаѓање тука ќе го протолкуваат како политизирање на вашиот настан, што апсолутно го демантираме бидејќи ние сме претставници на народот – вели Стојаноска во видеото.